Прес конференција денеска одржа Жарко Стеваноски кандидат за градоначалник на Прилеп од независната иницијатива „Че вреди“ , на која беше најавено дека поседуваат аудио снимки за како што беше кажано „како локалната самоуправа се става во функција на партиската машинерија, како се кинат сметки за комуналии, како се нудат сезонски вработувања, и најтрагично од се’ како се нарушува човечкото достоинство и правото на слободен избор. “
Пред присутните беа презентирани 2 аудио снимки за кои Стеваноски посочи дека: „биле снимени во ОО на СДСМ Прилеп, каде бил повикан активист – член на СДСМ од страна на партиски активисти, како му е нуден поткуп, како е наговаран да ја поддржи опцијата СДСМ, наместо опцијата „Че вреди“.“
По презентацијата на двете аудио снимки, Жарко Стеваноски рече:
„Ние не дозволивме нашето достоинство да биде понижено од режимот на ВМРО ДПМНЕ ниту пак, смееме да си дозволиме со него да си поигруваат некои локал партиски пиони на СДСМ. Нив, единствена грижа им е како да ги сочуваат удобните фотелји во следните 4 години. Денес, ова на најголемиот дел од вас ви се случува лично, утре ќе им се случува на вашите деца да израснат без достоинство, без свое јас и да бидат алатка во рацете на било кој од локалните партиски функционери. Апелирам и до најголемиот дел од членството на ВМРО ДПМНЕ да не подлегнуваат, под навидум, меката партиска реторика на локалното раководство на огранокот, таа е насочена кон задржување на вашата доверба. Да не заборавите дека огранокот сеуште го водат луѓето кои од позиција на власт ги применуваа истите методи на воведување на страв и покорност меѓу вас. Убеден сум дека никој од нас не може да ја планирана својата иднина и иднината на своите деца во ваков систем на вредности. Поради ваквиот систем децата ни бегаат од градот и од државата. Знам дека не може да си дозволи да замине од државата секој, па е приморан да се потчини на ваквите понижувачки партиски методи. Затоа ве повикувам сите вас, повторно да застанете рамо до рамо заедно со мене, и да ставиме крај на ваквото владеење и да кажеме дека никој не е помоќен од нашиот глас. Да се избориме за достоинствена иднина на нашите деца. Презентираните материјали ќе бидат доставени до претставниците на ОБСЕ/ОДИХР, до Државната изборна комисија, до Државната комисија за спречување на корупција и до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кој е надлежен да постапува за ваков вид на кривични предмети,“ рече Стеваноски во обраќањето.
На новинарско прашање кандидатот за градоначалник Стеваноски посочи дека од граѓанската иницијатива Че вреди преку проектите бараат да воведат една нормалност како што се департизација на општинската администрација, сериозна реорганизација на јавните претпријатија, а сите инфраструктурни објекти кои можат да го издржат буџетот на локалната самоуправа ќе бидат потрошени на најважните прашања: обезбедување на инфраструктура во населените места, водовод и канализација, обезбедување на здрава инфраструктура во градот, воведување на трим патеки за велосипедистите, а планирано е и поголемо штедење…
Стеваноски напомена дека поседуваат обемен материјал, но, двете аудио снимки се сосема доволно за локалната власт да излезе и да им се извини на членовите:
„И онака најголемиот дел од членството на СДСМ беше доволно деградирано и игнорирано по однос на нивните елементарни и основни човекови права кои треба да ги имаат во еден град како Прилеп,“ рече Стеваноски, дополнувајќи дека наводно дури и дел од кандидатите за советници на Че вреди, биле повикувани од носители на јавни функции и им биле упатувани закани и притисоци да ги одвратат во намерата да учествуваат во изборниот процес, иако никој не подлегнал на тие закани и притисоци.
Редакцијата на Радио Пела и останатите медиуми присутни на прес конференција го поседува дел од аудио материјалот кој што беше презентиран од страна на граѓанската иницијатива „Че Вреди„ која учествува на претстојните локални избори. На прес конференцијата присуствуваше и претставникот ОБСЕ/ОДИХР.