Двата сродни града Прилеп и Сараево ќе ги официјализираат врските кои ги поврзуваат народите од двете држави преку збратимување на Општина Прилеп со Општина Источно Сараево. На таков начин ќе се продлабочува економската, трговската, културната и туристичката соработка меѓу двете општини. Понудата доаѓа од амбасадорката на Босна и Херцеговина, Лепа Бабиќ на денешната средба со градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски што е вистиниот пат за збогатување на соработката.
„ Разговаравме за културните настани што нè поврзуваат како два сродни народа. Разговаравме и за збратимување на Општина Прилеп со Источно Сараево. Со задоволство ја прифативме таа понуда и мило ми е што ќе започнеме заедничка соработка со источниот дел од Сараево. Нашата соработка ќе продолжи и на економски план“, најави градоначалникот Јованоски.
„ Јас не сум прв пат во Прилеп и се чуствувам исто како дома. Ја започнавме приказната со Прилеп и еден од градовите во Босна и Херцеговина, поточно со Источно Сараево. Мило ми е што граѓаните од двата града ќе соработуваат на повеќе основи, а нашата соработка ќе ја збогатиме и на економски план“, потврди амбасадорката Бабиќ.
Градоначалникот Јованоски со амбасадорката Бабиќ, остварија средба и со претставници на Регионалната канцеларија на Стопанската комора на Македонија во просториите на комората во Прилеп. Најважно е што постојат реални потребни од страна на бизнис секторот од двете држави за унапредување на економската соработка. Имено, наскоро ќе се формира македонско – босанскохерцеговски бизнис клуб со седиште во Скопје, за што стопанствениците од Прилеп ја дадоа својата поддршка. Трговската размена меѓу Македонија и БиХ изнесува околу 150 милиони евра. На босанскиот пазар застапени се производите од прилепските компании како што е Витаминка, но останува голем простор за пласман на текстилните компании, прехранбената индустрија, металургијата, шумарството, како и потпишување на договор за соработка од областа на туризмот.
следна вест