Водостопанство Прилепско поле, подржница на АД Водостопанство на РСМ се соочува со сериозни потешкотии во работењето. За работа на терен од почетокот на годинава, екипите немаат опрема и резервни делови за механизација, а вработените вкупно 36, од кои 25 во редовен работен однос, и 11 сезонски работно ангажирани, немаат земено 2 месеци плата. Во телефонски разговор за Радио Пела Ѕвонко Талески, директор на прилепската подружница, потврди дека состојбата е многу тешка, работењето е отежнато и покрај одличната наплата за реализираните услуги кон граѓаните.
Од кога Водостопанство во 2015 та година се преструктуира во АД не само прилепската, туку и сите подружници се соочуваме со потешкотии во функционирањето. Раководењето е во целост подредено на централното ниво. Со крајни напори ги обавуваме основните дејности, иако немаме резервни делови за машините цела година и тоа од причина што нема објавено тендер за нивна набавка. На неколку од подружниците деновиве во управните објекти им е прикината струјата, а не е далеку денот кога и кај нас тоа би се случило, бидејќи немаме увид дали и кога ќе бидат подмирени сметките за струја. Инаку, имаме одлична реализација на наплата за извршените услуги, која што последниве 2 години се движи од 95 до 98 % , вели Талески.
АД Водостопанство на РСМ ја сочинуваат 13 подружници со вкупно 600 вработени плус дополнително ангажирани сезонски работници . Од денеска во управните згради на подружниците во Кавадарци и Битола струјата е прикината заради неплатени сметки. Синдикалната организација преговара за надминување на проблемот со исплата на платите. За прилепска Пелагонија, Подружница “Прилепско Поле” е од огромно значење за земјоделците со оглед на дејностите за кои што таа постои: наводнување и одржување на хидросистемот, како и уредување на речни корита, одводнување на земјиште и одведување на испуштени води.