Општина Новаци продолжува со поддршка на родителите чии деца посетуваат основно училиште. Како минатата така и оваа година, на иницијатива на градоначалникот Стевче Стевановски и Советот на Општина Новаци, набавени се 24 таблет компјутери за децата од четврто одделение при ОУ „Славко Лумбарковски“ за непречено следење на наставата по новата програма концепција за основно образование, која за прв пат се воведе минатата година.
„Бидејќи минатата година набавивме таблет компјутери за четвртоодделенците на барање на родителите, го направивме истото и оваа година за 24 ученици во ЦОУ Славко Лумабарковски. Мојата заложба за вложување во децата и во нивното образование ќе продолжи и понатаму се разбира според можностите на Општина Новаци, “ вели Стевче Стевановски, градоначалник на Општина Новаци.
Оваа програма беше усвоена минатата година најпрво за прво и четврто одделение, а планот на Министерството за образование е реформата да се спроведе етапно и во другите одделенија од основното образование.
„Врвен интерес е да се подигне квалитетот на образованието за да одговори на предизвиците на новото време зашто пандемијата покажа колку е важен капацитетот на образовниот систем да се менува, приспособува и осовременува. За подготовка на следната генерација за новото време потребна е дигитализација на образованиот систем со која ќе се дефинира современата настава со примена на средства за електронска комуникација, “ вели Вецко Стојчевски, директор на ОУ „Славко Лумбарковски“ Новаци.
Минатата година таблет копјутери добија 14 ученици во четврто одделение.