11.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

Реконструкцијата на патниот правец Прилеп- Вештачко езеро, почеток на изградбата на патната инфраструктура во општината

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, извршија увид на градежните работи во реконструкцијата на патот Прилеп-Прилепско езеро. Станува збор за патен правец во должина од 8 км, за кој се издвоени 20 милиони денари, по 10 милиони денари од ЈП за државни патишта и прилепската локална самоуправа. Реконструкцијата на патот се врши на барање на граѓаните на Прилеп, кои алармираа за лошата состојба во која се наоѓа овој патен правец.

„Станува збор за крајно небезбеден пат и затоа заедно со ЈП „Македонија пат“ решивме овој патен правец целосно да биде реконструиран. Согласно Програмата на ЈП за државни патишта од 467 милиони денари, планирано е годинава да бидат реконструирани 29 локални и регионални патишта. Ова е уште една потврда за она што го најавивме со премиерот Заев, дека оваа година од страна на ЈП за државни патишта се обезбедени преку 270 милиони евра, за изградба на автопати, експресни и регионални патишта, како и за нивна реконструкција и рехабилитација“, изјави министерот Сугарески.

Градоначалникот Илија Јованоски рече дека реконструкцијата на патниот правец Прилеп-Прилепско езеро, е почеток на изградбата на патната инфраструктура во општина Прилеп. Локалната самоуправа со два проекта има аплицирано за реконструкција и на регионалните патишта Прилеп-Крушево и Прилеп-Македонски Брод. После 15 мај, како што најави тој, ќе се интензивираат работите за решавање на проблемот со патната инфраструктура во градот.

„Од средината на мај, до крајот на оваа година, ќе има експанзија на работите на улиците во градот и општината. Сакам да потенцирам дека е планирана изградба на обиколница, за да не го користат овој пат и градските улици, камионите од компаниите кои извезуваат мермер.Обиколницата ќе се гради од потегот кај рудникот „Сивец“ до регионалниот пат кај Плетвар, во должина од околу 6 км“, истакна градоначалникот Јованоски.

За таа цел, како што потенцираше Јованоски, во постапка е изработка на проектната документација, што значи дека може да се очекува изградбата на обиколницата да започне следната година.

Би можело да ве интересира

Прилепските стопанственици на работна средба со лидерот на ВМРО ДПМНЕ

Гордана Цветаноска

ИН МЕМОРИАМ: Почина Ѓорѓи Кузмановски, човекот кој 11 години ја возеше велосипедската тура во чест на Денот на независноста на Македонија

Елизабета Филипоска

(фото) Преспа доживеа ураган – во Прилеп 8 часа непрекинато врне дожд

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе