1.4 C
Прилеп
петок, 15 ноември, 2024
Пела Радио

Во чест на светски познатиот научник д-р Анастас Коцарев, одбележување во Париз

Викендов во Париз се одржаа низа активности во чест на светски познатиот научник д-р Анастас Коцарев во рамките на одбележувањето 133 години од неговото раѓање и 92 години од неговата прерана смрт под мотото:  „Одблесоци. Д-р Анастас Коцарев. Еден век потоа “, информираат од Здружението „Заборавени Македонци“ од Париз.

Градоначалниците на Охрид и Бонди, Кирил Пецаков и Стефан Ерве, академик Љупчо Коцарев

Во два дела, на неколку локации каде  живеел и работел д-р Коцарев, беа поделени активностите во рамки на одбележувањата под мотото „Одблесоци. Д-р Анастас Коцарев. Еден век потоа.“ Во денешниот музеј Кири и Институтот за радиум во Париз, а централната комеморативна церемонија беше вчера на неговиот гроб во париската општина Бонди на која за прв пат присуствуваа градоначалниците на Охрид г.Кирил Пецаков и градоначалникот на Бонди г. Стефен Ерве, претседателот на Македонската академија на науките и уметностите академик Љупчо Коцарев и претставници на семејството Коцареви од Охрид.

Градоначалникот на Охрид г.Пецаков го потенцираше значањето на ликот и делото на д-р Анастас Коцарев како една ретка и уникатна приказна  на човек кој му подарил вака големо нематеријално наследство на светот. Тој најави низа иницијативи кои во координација со општина Бонди ќе се реализираат етапно, преку именување на улици и објекти во двете општини со неговото име, обележување на местата каде живеел и творел како и подготовки за пренесување на гробот на научникот во Охрид и отворање на музеј.

„Македонија и Франција имаат вистинска причина за уште едно поврзување  и одговорност да работат на популаризација на научната оставнина на научникот“,  рече градоначалникот Пецаков и додаде дека д-р Анастас Коцарев припаѓа на ретките „граѓани на светот“ кои планетарно дале придонес за општото добро на сите преку нивната научна и пожртвува работа во медицината.

Градоначалникот на Бонди Стефен Ерве и неговиот тим за меѓународна соработка срдечно ги прими гостите од Македонија и ги поздрави иницијативите во рамките на партнерството меѓу двата града кое е неизбежно бидејќи ликот на Анастас Коцарев станува обврска и силна алка на поврзување меѓу двата града и најави возвратна посета на Охрид со цел да го види градот на УНЕСКО во кој се родил д-р Анастас Коцарев.

Градоначалниците Ерве и Пецаков положија заеднички венец на гробот на д-р Коцарев во знак на заедничка почит кон научникот и гест на поврзување и соработка во иднина.

Договорено е меѓу двајцата градоначалници во чест и почит на делото на д-р Коцарев, улица во општина Охрид и во општина Бонди да го носи името на големиот научник, Македонец.

 

Академик Љупчо Коцарев ја поздрави работата на двајцата градоначалници Ерве и Пецаков во напорите да создадат заедничка платформа во зачувување на ликот и делото на д-р Анастас Коцарев на нивото кое го заслужува и говореше за големината на научникот преку статистиката колку често и денес, после еден век од неговата дејност тој сеуште е цитиран во медицинската наука.

Академик Коцарев се осврна и на патриотската активност на Анастас Коцарев во Швајцарија и неговата заложба за независност на Македонија и ги повика денешните политичари во Македонија да не отстапуваат ни педа од програмата на Коцарев за единствена и независна Македонија.„ 

На форумот „Одблесоци. Д-р Анастас Коцарев. Еден век потоа.„ академик Коцарев своето излагање го конципира врз неколку точки цитирајќи го Тадеуш Боровски, Надежда Манделштам, Хана Арент и Иво Андриќ извлекувајќи го, од нивните лоши искуства и судбини терминот „македонски холокауст„ во кој се најде македонскиот народ денес бидејќи:„никогаш порано во историјата на Македонија за дел од центрите на политичка моќ надежта за полноправно членство во ЕУ не била поголема, но никогаш, за жал, таа не направила толку многу штета како денес. Никогаш не научивме како да се откажеме од надежта, па затоа денес згаснуваат, изумираат македонскиот јазик, идентитет, држава… Надежта ги прави луѓето беспомошни и ги спречува да дејствуваат храбро. Па така, заради надежта за полноправно членство во ЕУ дозволивме бришење на Македонците во Егеј и во Пирин, дозволивме бесмислени реформи и дивеења на владејачката елита. – рече академик Коцарев.

АКАДЕМИК КОЦАРЕВ ПОВИКА НА ОБЕДИНУВАЊЕ

На средбата со македонската заедница во Франција во црквата „Св.Кирил и Методиј„ академик Коцарев повика на обединување на Македонците и ја прогласи 2023 година за „година на обединување„: – „Повикувам 2023 година да биде почетокот на обединувањето на Македонците околу македонизмот, што ќе овозможи да се оствари правото на самоопределување на македонскиот народ во меѓународната заедница и ќе придонесе за достоинствен живот на Македонците“, подвлече Коцарев поздравен со бурни аплаузи од публиката.

„Според Универзалната декларација за правата на човекот на Обединетите нации, потсети Коцарев, -„секој има право на националност“ и „никој не смее самоволно да биде лишен од својата националност, ниту од правото да ја промени националноста“.

„Јас сум Македонец кој зборува македонски јазик во државата што се вика Македонија“ и чувствувам потреба, денес, (овде Коцарев беше прекинат со аплаузи), и чувствувам потреба, денес од овој величествен македонски храм, уште еднаш да нагласам 2023 година да биде година во која еднаш засекогаш ќе се договориме, со акламација, и тоа е услов за влез во ЕУ, дека македонското име, македонскиот јазик, македонската култура, македонскиот идентитет, македонската историја имаат милениумска традиција во границите на денешна Македонија и надвор од неа.“

Внуката на д-р Анастас Коцарев, д-р Соња Коцарева-Трпезановска ја раскажа трагичната судбина за нејзиниот дедо и скоро еден век изгубената трага за неговиот гроб сѐ до денот кога во нивната семејна збирка не било пронајдено писмото од вереницата на д-р Коцарев, во кое таа им соопштила за смртта, погребот и вечното почивалиште. Д-р Коцарева-Трпезановска упати бескрајна благодарност до сите инволвирани страни во овој проект и посебно се заблагодари што двете општини Бонди и Охрид одлучија да работат заедно.

 

Таа во име на семејството Коцареви рече: „ Денес аманетот да го најдеме гробот каде почива Анастас го исполнивме, но сакаме да ја исполнеме и неговата желба и сите заедно да направиме напори за тој да се врати во својот роден град, во својот сакан Охрид, во својата сакана Македонија„.

Во рамките на форумот беше прикажан и документарниот филм „Заборавени македонски умови – д-р Анастас Коцарев„ на кој автор е д-р Коцарева-Трпезановска.

Настанот заврши со доделување на признанија на градоначалниците Ерве и Пецаков, академик Љупчо Коцарев, д-р Соња Коцарева-Трпезановска и МПЦО „Св.Кирил и Методиј„ предводена од Владимир Будимовски и отец Даниел Стојчевски за нивниот исклучителен придонес во зачувување на делото на д-р Анастас Коцарев и македонскиот етнички, јазичен, културен и верски идентитет. Доделени беа и благодарници на сите кои овозможија овој настан да ја добие оваа димензија и да поттикне ваков интерес кај Македонците во Франција.

Крајно тензичната атмосфера со континуирани протести и штрајкови со кои се соочува француската престолнина и воопшто претседателот Макрон и владата на Елизабет Борн во врска со реформата на пензискиот систем во Франција не ја спречи агендата на здружението „Заборавени Македонци“ и високите гости од Македонија во целост ја реализираа програмата планирана за викендот во Париз.

„Со посетата на македонската делегација заокружен е можеби најзначајниот дел од проектот – „партнерството меѓу општина Бонди и Охрид„ и со право можеме да кажеме дека двата града веќе од денес работат на една сериозна програма која како наследство и обврска нѝ ја остави д-р Анастас Коцарев„ – изјави претседателката на здружението „Заборавени Македонци„ г-ѓа Соња Кировска видно задоволна од исходот на средбата меѓу двајцата градоначалници и од сите планирани активности во рамките на настанот организиран во чест на научникот Коцарев.

Биографија: 

Д-р Анастас Коцарев (француска транслитерација: Dr Anastas Kotzareff) е роден во Охрид, на 26. март 1890 во старо и угледно охридско семејство Коцареви. Основно образование завршил во Охрид, гимназија во Солун и медицински факултет во Женева каде докторирал и останал да работи на Женевскиот универзитет како асистент, потоа како лекар и приватен доцент по онкологија на универзитетската клиника. Во 1928 година со својата вереница Сесил Пинел се населил во Париз каде ненадејно починал на 28. март 1931 година.

Д-р Коцарев со својата научна работа бил посветен на проблемот на дијагностицирање и лекување на ракот со примена на радиум. Ова истражување ќе го насочи на тесна соработка со познатата нобеловка Мари (Склодовска) Кири која во тоа време била професор и директор на лабораторијата за радиум на Универзитетот Сорбона во Париз.

Бил еден од пионерите на радиотерапијата и радиографијата и првиот научник во светот кој направил рендгенографија на фотографска плоча на пациент заболен од канцер (рак).

Покрај неговата професионална преокупација – медицината, д-р Анастас Коцарев во текот на Првата светска војна, и по неа, развил жива политичка активност во Швајцарија и се залагал „за единствена и независна држава Македонија“.

Во 1918 година ги обединил македонските друштва од Цирих и Лозана во заедничко Друштво на Македонците за независна Македонија, а подоцна бил основан и Генералниот совет на македонските друштва во Швајцарија (Conseil general des Sociétés macédoniennes) на кое Коцарев бил избран за претседател. Во 1919 година, во текот на Париската мировна конференција во Париз д-р Коцарев во име на Главниот одбор поднел барање да испрати тричлена комисија која би ги застапувала интересите на македонскиот народ, но нивното барање било одбиено од преговарачите на конференцијата. Главниот одбор и д-р Коцарев продолжиле да испраќаат телеграми и петиции барајќи праведно решавање на македонското прашање.

 

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Со експлоатацијата кај Оревоец во опасност е здравјето на прилепчани

Гордана Цветаноска

Сојуз на стопански комори: Итно да се превземат чекори за справување со енергетската криза

Гордана Цветаноска

Во Прилеп не е проблем, а се’ е проблем!(12)

Гордана Цветаноска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе