Прилеп и денеска како под вршник. Температурата измерена во 8 и 30 изнесуваше 20 степени, а максималната ќе достигне 34 степени. Времето денеска ќе биде слично како и викендов, сончево и многу топло со УВ индекс 10 што е опасен по здравјето.
Како што соопшти УХМР, Македонија и во следниот период ќе биде под влијание на многу топла воздушна маса. Времето ќе биде многу топло, со дневни температури во поголемиот дел од земјава над 35, а наместа и над 40 степени поради што ќе биде активно портокалово ниво на опасност од високи температури. УВ-индексот ќе има многу висока вредност, 10.
Поради високите температири кои ќе траат во наредните десет дена, сè до 25 јули Македонија и во наредните денови ќе остане портокалова фаза. Остануваат да важат препораките за најранливите категории. Бремените жени и лицата над 60 години се ослободени од работа, а децата во градинките не смеат да се надвор од 11 до 17 часот.
Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници. Со оглед дека одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
Во соопштението се наведува дека согласно добиените информации Владата одлучила државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките, а приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита на работниците кои работат на отворено.
Владата препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, пред сѐ избегнување престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот. Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено, да ги запрат активностите во периодот од 11:00 до 17:00 часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници – се додава во соопштението.