8.9 C
Прилеп
петок, 6 декември, 2024
Пела Радио

Еурокомпозит: од југословенски гигант до македонски загубар

Најдено привремено решение за прилепскиот загубар – производството треба да продолжи од понеделник, а работниците треба да добијат една плата до петок. Сепак, конечната судбина на компанијата која вработува 260 луѓе и која им должи по 16 плати и три пати повеќе придонеси ќе се реши со пронаоѓање на стратешки партнер, нешто што се уште не е на повидок.
Вработените ќе земат една просечна плата
Еурокомпозит од понеделник продолжува со работа. Ова е договорено на средбата на синдикатот со вицепремиерот Кочо Анѓушев. Владата ветила дека до петок сите ќе добијат по една просечна нето плата, а оние работници кои ги исполнуваат условите ќе бидат прогласени за технолошки вишок и ќе бидат опфатени со постојниот закон за стечајци.
„Заостанатите 16 плати ќе се решаваат откако ќе биде пронајден стратешки партнер. Владата не увери дека се разговара со заинтересирани компании и дека наскоро ќе има конечно решение“ изјави Пецо Ристевски од Синдикатот на индустријата, рударството и енергетиката.
Претходно над 200 вработени дојдоа од Прилеп спремни да постават шатори пред Владата додека не им се најде конечно решение. Поворката тргна од зградата на ССМ.
„Ние сме во ваква ситуација изминативе 25 години, уште од распадот на Југославија. Сите влади си поставуваат свои директори кои не знаат да работат и проблемите само се таложат“ изјави еден од вработените кој учествуваше на протстот.
Вработените протестираа речиси секоја недела и го блокираа патот Прилеп – Битола. Денеска беше прв пат по подолго време да дојдат во Скопје со најави за радикализација на штрајкот.
Анѓушев: конечно решение за шест месеци
Владата во наредните шест месеци квалитетно ќе го реши Еурокомпозит, тврди вицепремиерот Кочо Анѓушев кој вели дека проблемот се провлекува во последните 15 години и не може да биде решен преку ноќ.
„Проблемот со Еурокомпозит се провлекува последните 15 години и не се создаде сега. Вработените немаат земено плата со години наназад и никој претходно не се обидел квалитетно да го реши нивниот проблем. Како Влада имаме донесено одлука Еврокомпозит да стане добро и здраво претпријатие и ќе ги разгледаме сите можности како да стигнеме до тоа“ изјави вчера вицепремиерот.
Вработените се сомневаат дека денешниот договор е и конечен крај за нивната мака.
„Пред седум месеци ни беше ветено лично од вицепремиерот дека за шест месеци ќе биде целосно решен проблемот. Оттогаш ништо не е преземено“ вели еден од вработените кој протестираше пред Владата.
Ревизори: компанијата не е самоодржлива
Последниот достапен ревизорски извештај се однесува на 2016-та и тој покажува дека компанијата не може да биде самоодржлива.
Според извештајот приходот од продажба бил одвај 40 милиони денари, трошокот само за вработените бил 58.55 милиони, а вкупните трошоци 110.56 милиони денари.
Вкупните приходи последните години имаат драстичен пад. Во 2014 година биле над 100 милиони денари, во 2015 година изнесувале 65.5 милиони а во 2016-та паднале на 40 милиони денари. Во истиот период се намалуваат и расходите од работењето на компанијата, но со значајно помал интензитет.
„Постои материјална неизвесност на претпоставката за одржување на континуитетот на работењето на друштвото“ се заклучува во ревизорскиот извештај.
Вработените немаат земено 16 плати
Еурокомпозит е последниот на листата државни загубари. Компанијата со години се соочува со проблеми, работниците немаат земено 16 плати а придонесите не им се платени за последните 6 години.
Фабриката во моментов не произведува, а вкупните долгови надминуваат 5 милиони евра. Главен проблем е континуираниот недостиг од работа, па изминатите години се случуваше вработените со месеци да бидат пуштени дома со 70% од платата во очекување на некој подобар договор. Кога пак ќе се договореше зделка се работеше и во две смени.
Од југословенски гигант до македонски загубар
Еурокомпозит е последна од десетината фирми ќерки кои произлегоа од некогашниот гигант Еуроинвест „11 Октомври“ кој имаше над 1.600 вработени.
Еуроинвест бил формиран во Прилеп во 1952-та како фабрика за електро изолациски материјали. Дваесет години подоцна станува дел од компанијата Енергоинвест Сараево, а кон крајот на 70-те ја проширува дејноста кон производи за специјална намена како воена и полициска опрема и термо реактивни прес маси.
Со распадот на Југославија започнува распадот и на Еуроинвест. Во 1991-та македонската подружница е трансформирана во холдинг со 1.800 вработени.
Холдингот беше сочинет од повеќе правни субјекти Еурофуд, Еуроламинати, Еуротрејд, Еуропрофил, хотел Липа. Овие компании една по една одеа во стечај. Последна е Еурокомпозит која беше трансформирана во акционерско друштво со капитал 100% во сопственост на државата. Во 90-те имаше 550 вработени а сега се останати уште 260.
Програмата на Еурокомпозит е поделена на две главни гранки: воена и полициска опрема и цивилна линија. Има широка палета производи – од балистички шлемови, елеци и плочи до рачни ракетни лансери; како и електро изолациони материјали. Компанијата уште пред 20 години е сертифицирана со стандардот ISO 9001.
Извор: Денар    К. Н.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Правила и протоколи во прилепските училишта – зошто, и колку се почитуваат?!

Гордана Цветаноска

11 заболени,едно починато и 30 на инфективното одделени

Елизабета Филипоска

Градоначалниците на општините Новаци и Могила во официјална посета на Република Турција

Гордана Цветаноска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе