5.3 C
Прилеп
вторник, 10 декември, 2024
Пела Радио

Во „Ѕуница“ ѕуни од насмевки и од љубов (ФОТО+ВИДЕО)

Додека прилепските гимназијалки  Анастасија, Тамара и Матеја  ги досликуваат ѕидовите во затворениот простор, ликовниот уметник Филип Јовески ги прави последните корекции на муралот на фасадата на Дневниот центар за лица со попреченост „Ѕуница“ во Прилеп. Вредните вработени го уредуваат секое катче, а корисниците со радост ја подготвуваат програмата по повод 3 декември-Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Центарот го красат нови мурали

УСЛОВИТЕ ВО ЦЕНТАРОТ СЕ ПОДОБРУВААТ БЛАГОДАРЕНИЕ НА ЛОКАЛНАТА ЗАЕДНИЦА

Петнаесетте корисници на услугите од центарот деновиве веќе уживаат во подобрените услови во внатрешниот дел и во дворот на центарот. Координаторката на Центарот, социјалниот работник Снежана Јошевска, со голем ентузијазам ни раскажа за новостите што им се случуваат деновиве.

По иницијатива на директорот Зоран Малкоски,  се уреди дел од ентериерот на Центарот како и  дел од дворот.  Реновирани се тоалетите, извршена е  реконструкција на ѕидовите, обновена е  трпезаријата, ѕидовите се украсени  со мурали на учениците од СОУ Гимназија „Мирче Ацев“, обновена е дел од фасадата, надвор пак исфарбана е оградата, а направено е и хортикултурно уредување на дворот. Сето тоа е направено благодарение на помошта од општествено одговорните компании, ни раскажа Јошевска.

Дневниот центар „Ѕуница“ отворен е во 2002 година. Низ годините на успешна работа, досега биле згрижени седумдесетина корисници, а дваесетина од нив се вклучиле во образовниот процес. Дневниот центар за деца со попреченост „Ѕуница“ – Прилеп моментално има 15 корисници, најмалиот има 7, а највозрасниот 40 години.

Подобри услови за сите

СЕКОЈ ДЕН ТОПОЛ ОБРОК, АКТИВНОСТИ, ДРУЖБА И ЗАБАВА

Организиран е превоз на корисниците од нивните домови до Центарот и обратно. Во центарот тие учествуваат во слободните и програмските активности, а обезбеден им е и топол оброк од кујната која деновиве е подновена со нова машина за миење садови. Поддршката на Центарот за деца со попреченост “Ѕуница” оди во повеќе насоки и таа е социјална, здравствена и образовна и кон корисниците и кон членовите на нивните семејства. Моментално, четири корисници се вклучени во образовниот процес и имаат образовни асистенти. И тука Центарот се ангажира помагајќи им во совладувањето на образовниот материјал.

Просторот во центарот е опремен со соба за мултисензорен развој, простор за себеспознавање и спознавање на околината, имаат цвеќарник во кој корисниците реализираат работна окупација грижејќи се за цвеќињата. Преку ова, тие развиваат чувство за одговорност, доверба и ги развиваат своите манипулативни способности.

-Центарот дава целокупна поддршка на своите корисници, подготвува индивидуални и групни планови и програми  кои ги следат активностите во, и надвор од него. Им се дава целосна поддршка на  родителите, со посета на  нивните домови и преку  семинари и обуки наменети за нив.

Услови за развој на вештини и способности

Родителите се вклучени во сите приредби, прослави и одбележувања во центарот. Имаме и инклузивни креативни работилници на кои корисниците изработуваат модли од гипс кои понатаму се трудиме да ги дистрибуираме во нашата локална заедница. Соработуваме со сите основни и средни училишта и со сите општествено одговорни компании, со локалната самоуправа и со градоначалникот. Нашиот напредок е постигнат благодарение на соработката со нив и нивната поддршка-раскажува координаторката Снежана Јошевска.

СТИГМАТА И СОЦИЈАЛНАТА ИЗОЛАЦИЈА РЕЧИСИ НЕ ПОСТОЈАТ

Како што рече Јошевска,  најважно од се’, освен што корисниците уживаат во благодатите на условите и на грижата од страна на вработените, постигнат е голем напредок во однос на надминувањето на стигмата кон лицата со попреченост и скоро да не постои социјална изолација.

Нашите корисници се широко прифатени од локалната заедница. На сите наши прослави учествува локалната заедница, а ние исто така се вклучуваме во активностите на другите институции.  Најмногу за тоа надминување на стигматизацијата придонесе нашата отворена и транспарентна  работа, поддршката од новинарите, поддршката од локалната заедница, од општествено одговорните компании,подвлекува таа.

Пензионираниот професор по физичко образование Трајче Зуљамоски, неколку пати во неделата волонтерски доаѓа во „Ѕуница“ и работи со корисниците на нивниот физички развој. Неговиот ентузијазам е прекрасен пример за волонтеризам и активно искористување на слободните пензионерски денови, а од друга страна се остварува  правилна грижа за корисниците.

Во таа насока, деновиве директорот Зоран Малкоски, потпиша меморандум за соработка со невладината Центарот за развој и едукација, со цел да се овозможи успешна реализација на проектот Stop the gap кој ќе ја промовира физичката активност како инстумент за инклузија и социјализација на децата во состојба на економска, социјално-културна ограниченост и децата и младите со попреченост.

ПРИЛЕП ИМА ПОТРЕБА ОД ЦЕНТАР ЗА ВОЗРАСНИ ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

Проектот го спроведуваат CSI Comitato di Bari од Италија, Параспортскиот сојуз на градот Риека од Хрватска и Лаг Агро лидер со поддршка на Еразмус+ програмата на Европската унија.

Иако Центарот „Ѕуница“ функционира успешно сите овие години и се прават залагања за подобрување на условите од сите аспекти,  директорот Зоран Малкоски истакна дека постои простор условите да станат уште подобри, а корисниците и вработените да бидат побезбедни.

Потребна е целосна промена на кровот кој е во лоша состојба и поставување на фотоволтаици за обезбедување на сосптвена електрична енергија. Се надеваме дека ќе успееме овие два крупни зафати да ги реализираме идната година, истакна Малкоски.

Во „Ѕуница“ доаѓаат лица со умерена и тешка психофизичка попреченост и со комбинирани пречки како и четири лица со аутизам. Претходно, возрасната граница за лицата кои го посетуваа Центарот за деца со попреченост беше до 26 години, меѓутоа заради немање соодветен центар кој би се грижел за возрасните лица со попреченост, тие повторно се враќаат во „Ѕуница“. Од тука произлегува и апелот на координаторката и социјален работник Снежана Јошевска, за изградба на регионален центар за возрасни лица со попреченост.

Прилеп имам потреба од центар за возрасни лица со попреченост. Родителите на лицата кои се со попреченост, а веќе имаат 30 или 40 години, се истрошени и изморени, а тие лица имаат потреба од 24 часовен надзор и поддршка. Така ќе се овозможи тие да бидат  блиску до нивните родители кои ќе можат да ги земаат нивните деца по потреба или да ги посетуваат. Со тоа корисниците ќе бидат со целосна грижа, а нивните родители ќе имаат подобар квалитет на живот, а сепак ќе бидат блиску до своите деца, објаснува Јошевска.

ФИНАНСИСКИОТ ДОДАТОК ТРЕБА ДА СЕ ЗГОЛЕМИ

Како што спомнавме, во „Ѕуница“ сега се згрижени 15 корисници, а просторниот капацитет овозможува да се згрижат 25. Секако, кога би било така, ќе биде потребен и дополнителен кадар од физиотерапевти, логопеди и друг персонал.

Јошевска упатува и апел за зголемување на висината на финансискиот додаток кој го добиваат лицата со попреченост од страна на државата што ќе значи подобрување на нивните услови за живот.

Даниел, Мухарем, Младен, Пембе и другите нивни другарчиња  од центарот „Ѕуница“ на трети декември ги покануваат сите наши сограѓани да бидат гости во нивниот втор дом, да ја проследат програмата што тие ја подготвија со помош на вработените и со насмевки, прегратки и љубов да го прослават Меѓународниот ден на лицата со попреченост-3 декември. На настанот е најавено и присуство на министерот и заменик министерот од Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Центрот „Ѕуница“ постојано е отворен за комуникација и соработка со општеството, па, тоа нека биде поттик и ние како граѓани на ова општество со поотворено срце да им се приближиме на децата и луѓето со попреченост.

 

пишува: Филип Димкоски

фото+видео: Филип Димкоски

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Би можело да ве интересира

Велигденски концерт на музичкото училиште Матрикс

Пела Редакција

Голем интерес за закуп на простор за Фестивалот на пивото и скарата

Пела Редакција

Во среда 16 октомври во театар „Види, летам!“ претстава за траумите на лицата бегалци и лица без државјанство

Пела Редакција

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе