29.3 C
Прилеп
среда, 8 јули, 2026
Пела Радио

Промоција на романот „Грст афионови зрнца“ од прилепскиот писател Горан Василевски

В сабота на 18 октомври, од 17:00 часот во кафе-бар „База“ во Прилеп ќе се одржи промоција на романот „Грст афионови зрнца“ од Горан Василевски. Промотор на романот е Звонко Димоски.
За романот…
 Дејството на романот „Грст афионови зрнца“, се одвива од последниот милениум пред Христос до сегашни дни, и е вечно неодгатнатата димензија на времето што лесно и едноставно ја апсорбира краткотрајната минливост на човековиот живот според веќе востановениот, иако хаотичен редослед од минати, сегашни и идни настани.
Во содржината се вткаени едноставни просто човечки дилеми за љубовта, надежта, животот и смртта, како не само земски, туку, пред сѐ, божествени и космички сили. Сѐ минува и се менува. И времето, и просторот, и настаните и лицата, за најпосле крајот да дојде во совршен склад со непишаната замисла на универзумот. Па, читајќи можеби ќе сетите дека без оглед на векот што го живееме, во нас носиме и дел од нечии дамнешни собитија. Три епохи. Три судбини. Еден таен код запишан во соништата. Од древниот Стасадор, преку Пејко, до современиот Тихо ‒ три мажи, три животи, една вечна потрага по смисла. „Грст афионови зрнца“ е раскошен роман за љубовта и честа, временско патување што ја брише границата меѓу јавето и сонот!
 Горан Василевски е роден на 29.12.1968 година во Постојна, Словенија. Основно и средно образование завршува во Прилеп. Се запишува на Воената академија во Белград, а дипломира на Воената академија во Скопје. За време на активната армиска кариера, учествува и во воените конфликти во регионот. Последипломските студии ги завршува на Филозофскиот факултет во Скопје. Ја извршувал и должноста на раководител на единствената армиска компонента при ОБСЕ во Виена, Австрија. Поминува сѐ што требало да помине во животот досега, а денес, како пензионер живее во Скопје, со план да се врати и да старее во Прилеп. Започнал со поезија и во 2008 година ја издава стихозбирката „Мандарина“, а преминувајќи на проза, го издава романот „Оревот“ (2013) и збирката раскази „Монахот што се плашеше од смртта“ (2015). Автор е на повеќе стручни трудови од областа на безбедноста, разузнавањето и менаџментот.

Би можело да ве интересира

Во Прилеп повторно се разгорува културната приказна посветена на Крали Марко

Пела Редакција

Утревечер во прилепскиот театар, претстава за еден трагач по индивидуалната слобода

Пела Редакција

Убијте го гласникот ако не ви се допаѓа пораката

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе