27.5 C
Прилеп
среда, 8 јули, 2026
Пела Радио

Бактерија салмонела причина за труењето со храна на 44 работници

Бактеријата салмонела е причинител на труењето со храна на 44 вработени во прилепската компанија „Микросам“ кои конзумирале оброк приготвен од прилепскаta кетеринг фирма „Рустика“. Оброкот бил конзумиран во понеделникот, на 29 јуни, и станувало збор за макарони со изварка и јајца, констатираат од прилепскиот Центар за јавно здравје по извршените анализи.

Според епидемиологот Татијана Станимировиќ, од досегашното истражување се покажа дека 44 од 58 вработени во прилепската компанија „Микросам“ кои на 29 јуни конзумирале ист оброк имаат симптоми на труење со храна. Односно, стапката на заболувањето од труење со храна е висока и изнесува 75,5 проценти од експонираните. Од овие 44 лица, 6 беа хоспитализирани во прилепската градска болница, а останатите се со средно тешка и полесна клиничка слика.

– Самиот тек на епидемијата, наглиот почеток, брзото достигнување на максиумот на заболени и наглото престанување, ни покажува дека станува збор за акутно труење со храна, а истовремено и на еднократна експозиција на заболените, што, всушност, и ни е познато. Се работи за труење со храна предизвикано од бактеријата салмонела. Од 23 примероци на „столица“, земени од заболените, кај 11 е потврдено присуството на оваа бактерија. Ваквите труења, предизвикани со салмонела, најчесто се јавуваат по конзумирање на сирова храна или недоволно термички обработена храна од животинско потекло, месо, јајца, млеко или нивни продукти. Во овој случај, за време на ручекот, значи во понеделникот на 29 јуни, во мензата на фабриката била поделена храна- макарони со јајца и изварка. Од оваа храна, конзумирале вкупно 58 од присутните во првата смена, додека пак, другите 43 лица консумирале друг оброк кој тој ден бил на менито. Кај тие кои конзумирале друг оброк, нема симптоми на акутно труење. Така, може да кажеме дека храната конзумирана за време на епидемијата (макарони со јајца и изварка) е причина за појавата на труењето, објаснува епидемиологот Станимировиќ.

За време на увидите кои биле направени во кујната каде се приготвувала храната, не биле затекнати продуктите кои биле употребени за подготовката на храната, јајцата и изварката кои, најверојатно, еден од овие продукти, се извор на салмонелата. Земен е примерок од готов оброк за кој се чекаат резултати.

– Не може да кажеме дека изворот е утврден, туку е претпоставен и најверојатен. Земен е примерок од готов оброк, но сѐ уште не се готови резултатите од испитувањата кои се вршат во микробиолошката лабараторија при Институтот за јавно здравје во Скопје. Но, каков и да е резултатот, ние нема да ја отфрлиме претпоставката дека извор на труењето е храната, вели Станимировиќ.

Труењето предизвикано од бактеријата салмонела трае од три до седум дена, зависно од клиничката слика. Но лекувањето може да трае три и повеќе недели, па една од мерките е заболените да се изолираат од средината и контактот со другите.

Вонреден инспекциски надзор беше направен заедно со Државниот санитарен и здравствен инспекторат и со Агенцијата за храна и ветеринарство.

Инаку, сѐ уште се затворени кујната во прилепската фирма за кетеринг „Рустика“ и мензата во прилепската компанија „Микросам“ каде се конзумирала храната.

Од Државниот санитарен и здравствен инспекотрат само кусо информираа дека ги чекаат резултатите од Центарот за јавно здравје за понатамошни мерки.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Проданоски: Јас сум непоправлив оптимист, годината пред нас ќе биде поуспешна

Нови позитивни со Ковид 19 во Прилеп и Крушево

Поставени уште 10 контејнери на нови локации за селекција на стаклена амбалажа во Прилеп

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе