Повеќе од 5 месеци група од 60 работници од Еурокомпозит 11 Октомври имаат нерешен статус. Формално се вработени, но не примаат ниту плата, ниту државата им подмирува здравствено и пензиско осигурување. Денеска тие повторно запрашаа до кога ќе продолжи неизвесноста за нивниот опстанок и тоа во време на пандемија.
– Целта на нашето собирање е да се увери Владата дека уште постоиме и да излезе да каже овие 60 работници во која група спаѓаат, дали во вработени, дали во невработени и дали воопшто некои мерки ќе бидат преземени за нас, како што најавуваше г-динот Заев за да се поделат некои просечни плати. Апел до Владата – 5 месеци немаме ниту здравствено осигурување, ниту плата. Сите викаат да седиме дома, а како да издржиме нека каже некој од Владата, вели Роберт Богданоски, претседател на синдикалната организација од Еурокомпозит.
Работниците велат дека кражби се случувале за време на полицискиот час. Фирмата имала стражарска служба која престанала да работи бидејќи не им се исплаќала ниту плата,ниту имале услови за работа.
– Украден е бакарен кабел и неколку трансформатори од ЦНЦ машини, што значи се прави огромна штета. Штетата на тие машини е огромна и не може да се надокнади на тие машини во никој случај. Машините се уништени трајно, и нема да можат да функционираат, зашто тие делови што се украдени не можат да се набават. Деловите се украдени заради бакарот, за продажба во отпад. Крадците се фатени, но штетата е огромна. Значи фирмата се запустува, а никој ништо не презема Преку Владата наредија стражарска служба да извршува полицијата. Во моментов, обезбедува полицијата, на сабајле по еден стражар, а во втора и трета смена по двајца полицијци, додава Богданоски.
Електричната енергија е прекината, вода нема повеќе месеци. Работниците барале преку директорот да е изнајде решение за нивните проблеми со дописи до вицепремиерот Мила Царовска, но засега немаат добиено никаков одговор. Во февруари биле последните разговори со владини претставници.
– Имаме еден договор со Министерството за внатрешни работи, направивме еден разговор со техничкиот министер Наќе Чулев, имаше расположение. Имаме овде ние материјал за околу 200 панцири, затоа што ние сме должни кај нив околу 50 милиони, а 25 мил. имаме за земање, да го завршиме договорот и да не чекаме само на помош. Треба да испорачаме стока во висина од 800 илјади евра, за да земеме 400 илјади евра. Тоа е надвор од здравиот памет, но и онака договорот не се оствари, а министерот не се јави. Потоа фати вонредната состојба, кризата и ние се најдовме како во карантин повеќе од 5 месеци, од 1 ви декември, лани, вели Жарко Јорданоски, работник во Еурокомпозит.
Од фирмата 154 поранешни вработени пред неколку години беа прогласени за технолошки вишок, за кои отпремнините дел беа исплатени во 2018 година, но не и придонеси, ниту заостанатите плати како за нив, така и за 60-ината моментално вработени. Еурокомпозит 11 Октомври АД Прилеп е единствениот загубар во целосно државна сопственост.