7.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

Која е реалната откупна цена на пченицата?!

Во услови на инфлација, нестабилна цена на горивото, најави за ценовна неизвесност во секторот на производство и преработка на храна, а пред самиот почеток на жетвата, Асоцијацијата на земјоделците на Македонија од откупувачите бара цена од 20 до 22 денари за килограм. Ова беше посочено на средбата на земјоделците од Пелагонија со министерот за земјоделство Љупчо Николовски на која присуствуваа градоначалниците Никола Мискоски од општина Кривогаштани и Урим Ибески од општина Долнени, а која се одржа во долненско. Според Перо Стојкоски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци на Македонија разговорите со откупувачите за цената не се почнати. Доколку за време на откупот се зголеми цената на лебот, ќе се бара и повисока цена, вели Петре Стојкоски од ова здружение. Воедно, од Асоцијацијата бараат и дополнителна субвенција за есенската сеидба, со надеж дека ќе се најде решение и за зелената нафта.

– Што се однесува до откупната цена на пченицата, исплатлива цена е од 20 до 22 денари за килограм. На пример, ако од еден килограм брашно се произведуваат три векни леб или според цената од 40 денари по векна, изнесува 120 денари. Секогаш оди по една третина за една страна. Млинарите, односно откупувачите и производителите на леб да не сфатат посериозно како земјоделци. Бараме од нив да добиеме авансно плаќање на пченицата. Средствата ни се потребни за вештачки ѓубрива, за нафта. Ако инсистираат со уште недооткупена пченица да ја зголемат цената на лебот, тогаш ние ќе останеме на ставот да добиеме една третина од целосната цена на брашното, а тоа се 40 денари. Се уште немаме разговори за цената на пченицата, реалната цена е 20 до 22 денари за килограм откупена пченица. А таа цена ќе зависи од продажната цена на лебот. Ако сакаат да ја зголемат, тоа го прават од нашето производство – изјави Стојкоски.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ветуваат дополнителни субвенции за есенската сеидба. Според министерот Николовски годинава се очекува прооизводство на ниво на ланското, преку 255.000 тони пченица.

– Нашите проценки се дека ќе имаме над 255 000 тони пченица. Тоа е просекот и од лани за 73 000 хектари. Сметам дека поголем дел од потребите задоволуваме, треба да се фокусираме на квалитетот. Очекуваме високи откупни цени поради растот на трошоците и сметаме дека мора да се обезбеди доволно жито за домашните потреби. Тоа се пораките кои ги праќаме и до трговците и до откупувачите. Токму затоа е националниот фонд и интервентниот фонд преку кој доделуваме 50 насто за зелена нафта, 40 насто за поддршка за набавка на вештачки ѓубрива што ќе продолжи како поддршка и во есенската сеидба. Со националниот план целта ни е да станеме што помалку увозно зависни за стратегијските култури и да го зголемиме и да го одржиме домашното производство. Будно ќе ја следиме жетвата на пченицата која ќе почне деновиве. За домашните резерви на пченица, ќе бидат дадени насоки во наредниот период. Откупот за државните резерви зависи од ребалансот на буџетот со кој се предвидени дополнителни 4 милиона евра. Затоа повикуваме ребалансот да биде усвоен за да може да се отворат инструментите за набавка на стоковите резерви, за да може да се исплатат штетите од невремето, субвенциите, за да воведеме авансна сиплата на субвенциите во висина од 30 насто, за да го продолжиме новиот интервентен фонд за набавка на зелена нафта, вештачки ѓубрива. Овој ребаланс направивме да биде за производство на храна за домашните потреби – изјави Николовски, кој најави исплата на субвенции по усвојување на ребалансот на Буџетот.

– По усвојувањето на Ребалансот, следува исплата на 770 милиони денари субвенции кон 3.200 одгледувачи на овци, потоа исплата на околу 66 милиони денари поддршка за 1.800 одгледувачи на кози. Исплата на субвенции е предвидена и за 1.100 одгледувачи на свињи во висина од околу 200 милиони денари. Кај секторот живинарство се предвидени околу 70 милиони денари директна поддршка за бројлери и заклани несилки.

Министерот ги информираше присутните дека со измените кои се извршени на Законот за земјоделство и рурален развој воведена е можност за авансно исплаќање на субвенциите од 30% во рок од 90 дена по аплицирањето. Дополнително, со новиот ребаланс на буџетот за 2022 година предвидени се 2,7 милијарди денари, средства за комплетно исплаќање на редовните и заостанати субвенции кон земјоделците.

Би можело да ве интересира

Во потрага по 10 годишниот Петар се вклучува екипа од Дирекција за заштита и спасување

Парламентарни избори – прегласување во Крушево и Долнени, денеска гласаат болните, изнемоштените и затворениците

Гордана Цветаноска

Се асфалтира патниот правец Кадино – Галичани

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе