1 C
Прилеп
сабота, 30 ноември, 2024
Пела Радио

(ВИДЕО)Нашето одделение беше највесело, оти се раѓаа нови животи

И по 60 години од дипломирањето со љубов и грижа пензионираните акушерки Магда Матракоска и Катерина Јакимоска зборуваат за својата професија. Тие две беа меѓу 18 те први акушерки кои димпломирале во Медицинското училиште во Прилеп 1964 година. И денес, после речиси две децении од пензионирањето, со восхит говореа за тоа колку е важен изборот на занимањето, квалитетот на образованието и посветеноста кон работата, која за нив била голем предизвик како прва генерација.

Во тоа време акушерки немаше во Прилеп. Имаше со нижо образование и благодарение на директорката Василка Бранковиќ, докторот Брашнаров, и други, тие по нивна иницијатива, се бараше во Прилеп да се отвори средно медицинско училиште за да биде стручно. Што значи родилките прво да бидат згрижени, здравствено да бидат прифатени и стручно да бидат породени. Во прва година бевме запишани 41 медицинска сестра. Како што течеа годините – четврта година завршивме само 18, има доста починати, а имаме и доста кои не се здравствено способни сега да присуствуваат.Бевме толку стручно подготвени, што вистински сами водевме раѓања, вели Магда (Тинтоска) Матракоска. 

Изборот на професија е една од најважните одлуки во животот на младите, потврдуваат Магда и Катерина, оти треба да се има љубов кон она што се работи. Не ги колебале ниту скромните услови, ниту дежурствата по 24 часа, теренска работа, без доктори гинеколози и во голем ризик.  

– Професијата ја сакав уште пред да се запишам во училиште. Јас се запишав во Економско училиште и 2 месеца одев во Економското, додека чекав да се отвори Медицинското, кое се отвори кон крајот на октомври месец 1961/62. Во 1964 дипломиравме 18. Од тие 18 докторот Брашнаров, кој беше прв гениколог во Прилеп не’ одбра по успехот, оти нас не’ спремаа за теренски акушерки. Не само во болницата што ќе бидеме акушерки, туку и ако има потреба…Мариово, јас имам појдено Мариово со хелихоптер во тоа време. Медицината од секогаш оди напред и напред, а сега мислам дека е многу полесно, оти сега секогаш има гениколог со нив, да им помогне, а ние бевме сами. По 24 часа дежуравме, бевме сами, вели Катерина (Арапческа) Јакимоска.

-Јас сум 19 години пензионерка. Многу сум среќна што ги доживеав овие години и со професијата моја се гордеам. Им препорачувам на овие млади да си ја сакаат професијата, оти ако не ја сакаш професијата, тогаш многу си изгубил. Нам душата ни беше во професијата, и немавме смртни случаеви, јас работев на село, сама работев со општ лекар. Имаше и патолошки раѓања. Но ние бевме спремни, сето тоа да го реализираме, да го дотераме како што треба, вели Магда (Тинтоска) Матракоска.  

Никогаш, ама никогаш, немојте да ја скратувате насмевката на пациентките, на болните. Убавите зборови и насмевката се најубавите нешта за болниот. Оти болниот има само една желба – да оздрави! Друга препорака е животот да го замислат како бело платно. На него тие да бидат креатори, уметници, цртачи, да пишуваат добри дела, оти секогаш луѓето се препознаваат по добрите дела.

Интересот за медицинските занимања не спласнува и денес во СОУ „Ѓорче Петров“ Прилеп, вели Жанета Видевска, директорка на учиштето.  

Од вкупно околу 770 ученици во нашето училиште, 545 се од здравствена струка. Од нив 272 се медицински сестри, другите се физиотерапевтски техничар, фармацевтски техничар. Интересот за запишување во здравствената струка е навистина голем. Запишуваме ученици со минимум 70 поени. Најголем е интересот за профилот медицинска сестра, посочува Видевска, додавајќи дека годишно прават прават препис на по десетина дипломи од здравствената струка за оние кои одлучиле да работат во странство.

Прилеп можеби е еден од ретките градови, освен Скопје, што може да се пофали со шест децениска традиција од создавање квалитетен кадар со специјалност за акушерски смер. Денешната средба на Магдалена и Катерина, како претставнички на првата генерација акушерки од Медицинското училиште Прилеп со учениците и професорките даде дополнителен поттик за тоа дека љубовта кон професијата треба да се негува цел живот почнувајќи од изборот. Уште повеќе што медицината, а особено акушерството е една од најхуманите професии воопшто.    

Би можело да ве интересира

Стартува јавниот градски превоз, но со вонредна линија и ограничување на бројот на патници

Елизабета Филипоска

Бурекџилница “Калимеро” Ве поканува!

Елизабета Филипоска

Хуманост во услови на пандемија – прилепчани даруваа крв

Гордана Цветаноска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе