Во посета на неколку откупни пунктови во прилепско денеска беше министерот за земјоделство Цветан Трипуновски заедно со прилепските пратеници Дејан Проданоски, Билјана Кузманоска и Петар Ристески, како и претседателот на Сојузот на тутунски здруженија Кире Ристески. Динамиката на тутунскиот откуп по зголемувањето на цената е интензивирана, посочи Трипуновски на прес конференцијата со новинарите.
„Согласно податоците кои што ги добив од Земјоделскиот инспекторат до вчерашниот ден се откупени 13 милиони килограми тутун со просечна цена од 399,88 денари. И истиот се исплаќа со тековна динамика односно досега согласно податоците исплатено е околу 78% кон тутунопроизводителите. Можам да го споделам со вас задоволството што стигнува од тутунопроизводителите согласно постигнатата цена од 400 денари за првата класа и дополнителни 20 денари за субвенцијата за првата класа што достигнува цена од 500 денари“, рече министерот Трипуновски.
На новинарско прашање во врска со најавените законски измени, Трипуновски посочи дека веднаш по новогодишните празници ќе се допрецизираат отворените прашања заедно со претставниците на тутунопроизводителите и откупувачите.
– И тоа ќе биде од взаемен интерес на двете страни и на откупувачите и на тутунопроизводителите, со цел да зголемиме производство, да го пласираме овој наш познат бренд надвор од државата во една поголема количина, за жал изминатиов период имаме намалување. Ова ќе значи задржување на оваа битна категорија производители во Македонија кои што ќе имаат сериозен прилив на загарантирана добивка во своите семејни буџети. Согласно што ова денеска е постигнато знаете дека најмалку 140 милиони евра ќе влезат во домовите на тутунопроизводителите и тоа е наша посветеност и во наредниот период, рече Трипуновски.
– Нашите заложби се веднаш после новогодишните празници да оствариме средба со Министерот и со откупувачите, ссо тоа што да седнеме на заедничка маса и да ја договараме наредната реколта. Така што до завршувањето на откупот, до 28 ми февруари да излеземе со конкретна цел, да видиме до каде сме стигнале со договарањето и за цената и за количините и за начинот на откупот. Една од заложбите ќе биде начинот на биде – да се вреднува квалитетот на тутунското растение, рече Кире Ристески потенцирајќи дека Сојузот е задоволен од постигнатата динамика на откуп, а уште повеќе што нема поплаки ни од компаниите, ниту од тутунопроизводителите.
Во однос на исплатата на предадените количини Ристески информираше дека тече непречено, а дел од откупните компании ја исплаќаат и доплатата од разликата во цената на предадениот тутун.