Извиднички одред „Феникс“ со гордост најавува крводарителска акција која ќе се одржи на 19 февруари 2025 година од 09:00 до 13:00 часот на Одделението за трансфузиологија при ЈЗУ Општа Болница со проширена дејност „Борка Талески“ – Прилеп. Целта на оваа хуманитарна акција е да се соберат што повеќе единици крв кои ќе бидат искористени за спасување животи на пациенти во болниците и здравствените установи.
Крводарителската акција се организира традиционално четврта година по ред и истата е по повод 22 Февруари – Светскиот ден на извидниците кој се слави под мотото „Направи добро дело!“. Оваа година крводарителската акција е во рамките на јубилејот 10 години извидници во Прилеп односно 10 години од формирањето на Извиднички одред „Феникс“ – најголемата организација за деца и млади во нашиот град.
Дарувањето крв е едноставен, но многу значаен начин на кој секој од нас може да помогне. Кога дарувате крв, може да спасите живот на некого кој се наоѓа во критична здравствена состојба. Потребата за крв е постојана и се зголемува во зимскиот период кога бројот на медицински интервенции, операции и незгоди се зголемува. Со оваа акција, ИО Феникс се стреми да ги поттикне граѓаните да покажат хуманост и солидарност, да се вклучат во овој добар чин и да помогнат на оние на кои им е потребно.
Пред да даруваат крв, крводарителите се подложени на здравствена проверка и пополнување на прашалник, односно проверка дали се исполнети сите услови за дарување крв. Повеќе информации околку дарувањето крв може да прочитате на веб-страната на Институтот за Трансфузиологија на линкот https://itm.org.mk/како-се-станува-крводарител/