Разговор со Марија Јанчулеска, професорка и виолинистка од Прилеп
Вечерва во неделното интервју на порталот на Радио Пела, разговараме со виолинистката и професорка, Прилепчанката Марија Јанчулеска. Уште кога ќе се спомене нејзиното презиме, веќе ви е познато дека станува за девојка која потекнува од музичко семејство, чии предци оставиле неизбришливи траги во прилепската музичка уметност и во музичката педагогоија. Меѓутоа, последниве години по нејзиното дипломирање, Марија веќе остава свој белег и своја трага во современото музичко создавање, благодарение на нејзините посветеност, талент и перфекционизам. Основно музичко училиште завршува во Прилеп, во класата на проф. Весна Станкоска, потоа го завршува средното Државно музичко училиште во Битола и по одличниот матурски концерт, продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. м-р Љубиша Кировски. Целото факултетско образование го реалзира како стипендист заради високиот успех. За развојниот пат, за соло настапите и за настапите со нејзината група пред големите музички ѕвезди, за тоа каква музика сака да свири, а каква музика сака да слуша, прочитајте во овој наш разговор.
Потекнувате од музичко семејство. Ајде да се потсетиме на Вашите музички почетоци и на семејната поддршка во Вашиот музички пат..
Да,потекнувам од музичко семејство, што значително влијаеше на мојот музички пат. Мојот дедо и баба биле музичари и наставници, а нивната страст за музика ја наследивме мојот брат и јас. Нивната поддршка и љубов кон музиката беа клучни за нашиот развој, а како внуци ја продолжуваме нивната насока и определба. Нивната посветеност на музиката ми овозможи да растам како музичар и да го пренесувам тоа знаење на новите генерации.
Имате музицирано со различни музички и професионални оркестри. Колку е специфично за еден виолинист да се адаптира на различната органзираност на оркестрите, но и на музиката која тие ја изведуваат?
Музицирањето со различни оркестри и бендови има свои специфичности. Понекогаш свирам класична музика, а понекогаш популарна, рок или електронска музика со бендови. Во такви ситуации важно е да се прилагодиш на ритамот и енергијата на музиката и да се усогласиш со другите музичари. Подготовката што ја имав како ученик, секојдневното вежбање, работата со професори и работата со различни диригенти ми овозможи да бидам подготвена и лесно да се адаптирам на различни стилови и оркестри.
Имавте можност да настапите со планетарно познатата група IL DIVO, но и со иво Погорелиќ и со Симон Трпчески. Споделете го Вашето искуство, но и комуникацијата со овие големи уметнички имиња…
Настапите со IL DIVO, Иво Погорелиќ , Симон Трпчески,Лола Астанова и многу други , беа одлични искуства. Со IL DIVO свирев во Борис Трајковски, но немав контакт со нив,првиот контакт со нив беше на самиот концерт, а на пробите работевме со нивниот тапанар Andrew Small. Со Иво Погорелиќ и Камерниот оркестар „Ајга“, поминавме феноменално, но можам да кажам дека го доживеав како поладна личност за комуникација,спротивно од неговото свирење. Со Симон Трпчески свирев на проектот „Македонисимо“и со Симон беше многу пријатно,опуштена атмосфера како на сцена, така и надвор од неа.
Покрај студиите, имате посетено многу мастер класови со цел сопствена надградба. Колку се важни овие класови за развојот на еден уметник? Дали некое Ваше доусовршување посебно би го издвоиле?
Мастер класовите се многу важни за развојот на еден уметник. Тие нудат нови перспективи, техники и размена на искуства со различни професори и колеги. За мене, овие семинари се одлична шанса за самоусовршување и за откривање нови пристапи кон музиката. Не можам да издвојам ниту еден посебен, бидејќи секој семинар ми помогнал да се развијам како уметник и да го пронајдам својот музички израз.
Сега сте професорка во нижото музичко училиште во Прилеп, „Ордан Михајслоски-Оцка“. Всушност сега сте повторно во училишните клупи, но од другата страна. Дали Ве исполнува музичко-педагошката дејност и колку е тешко да се балансира помеѓу педагошката и концертната дејност?
Како професорка во нижото музичко училиште, чувствувам големо исполнување бидејќи можам да го пренесам своето знаење и љубов на младите. Балансирањето помеѓу педагошката и концертната дејност не е секогаш лесно, но верувам дека кога имаш страст за тоа што го правиш, лесно се наоѓа балансот.
Која музика најмногу сакате да ја изведувате, а која музика најмногу сакате да ја слушате?
Како изведувач, најмногу уживам во класичната музика, особено во барокните и романтичните композиции, бидејќи тие ми овозможуваат да изразам поголеми емоции.Во последно време не слушам многу музика. Можеби звучи необично, но музиката за мене најчесто се изразува преку свирење, па кога не сум на сцена, честопати ми е потребна пауза. Сепак, кога уживам во музика, тоа се различни жанрови – не само класична музика, туку и поп,рок.
Вашиот дедо Илија Јанчулески со години успешно го водеше трубачкиот оркестар, кој беше препознатлив белег за Прилеп. По неговото заминување, замре тоа. Се чини дека музичкото органзирање во Прилеп во моментов е неуспешно. Гледате ли можности за музичко обединување во Прилеп?
Мојот дедо, Илија Јанчулески, навистина остави големо наследство во Прилеп со својот оркестар(не само со оркестарот ,туку општо како музичар,наставник), и по неговото заминување, многу работи се промениja. Музичкото организирање во Прилеп во моментов навистина не е на нивото како порано, но сепак верувам дека постојат можности за обединување на музичките сили. Прилеп има многу талентирани уметници и музичари, и со добра организација и поддршка, можеме повторно да го изградиме музичкиот живот во градот. Сметам дека со иницијативи,поддршка и заедничка работа, можеме да ја обновиме музичката сцена и да го продолжиме наследството на нашите претци.
Кои се плановите и како солист и како професор, но и како дел од музичкото трио Strings Ladies?
Со Strings Ladies на 14 ти март свириме на настан пред концертот на Пласидо Доминго,во преговори сме за одржување на концерт во Врање со аргентинска музика и во најава е концерт во Јапонија со еден камерен оркестар. Овие настапи се одлична можност за понатамошно усовршување и продолжување на музичката кариера. Со моето трио Strings Ladies, во текот на годината ќе имаме многу настапи на значајни манифестации ,настани и концерти. Како професор, продолжувам да работам со моите ученици, пренесувајќи им ги своите искуства и помагајќи им да ја остварат својата музичка визијa
Разговорот го водеше Филип Димкоски