Во пресрет на Пиво фестивалот најмасовната манифестација во Прилеп денеска во општина Прилеп се одржа координативна средба со претставници на јавните претпријатија, Територијалната противпожарна служба, ОВР Прилеп и други институции, вклучени во организацијата и реализацијата на „Пиво фестивал 2026“.
„Прилеп е максимално подготвен да ги пречека и угости сите посетители, обезбедувајќи квалитетна организација во пријатна фестивалска атмосфера. Интензивно се работи и на уредувањето на градот. Екипите на ЈКП „Комуналец“ секојдневно го разубавуваат и одржуваат централното градско подрачје, плоштадот „Александрија“, парковите и јавните зелени површини, за Прилеп да ги пречека своите гости во најубаво издание, посочуваат од Општина Прилеп.
Пиво фестивалот годинава ќе се одржи на 17, 18 и 19 јули (петок, сабота и недела) а ќе настапат балкански и македонски естрадни ѕвезди на главната сцена. Покрај богатиот избор на музика и концертните настапи, за љубителите на забавите на камената бина ќе настапуваат познати диџеи.

