5.6 C
Прилеп
петок, 6 декември, 2024
Пела Радио

ЕДНА МИНУТА НА ГРАДСКИ ЗНАЧИ СЕЕЕЕЕЕЕ’ !!!!

Пишува: Никола Димески

Велат дека по дождот доаѓа сонце, а најмногу се чини дека му е потребен дожд на градскиот стадион „Гоце Делчев“ да никне зелениот тепих, па да го освежи спортскиот пејсаж, кој некогаш го разгазуваа и фудбалски украсуваа мајсторите со „бубамарата“ среде Прилеп. Така, барем малку, ќе продри светлина и ќе изгрее сонцето, па ќе светни и ќе го згрее празниот фудбалски храм кој немо веќе години наназад сака да каже нешто. Како да сака да каже „ми тежат рефлекторите” како да сака да прозбори “ме ежат нереализираните проекти”, како да сака да извика “ми фалат ракоплескања и тапани “ ама, не – во ноќта, туку во сабота, и во недела, во спортски викенд кој, го нема!
Врие од прашина, гние од тишина, нема цапалки од копачки, нема кабли од косачки, има железна конструкција и по некој спортски детаљ од кој се китат некои како МЕДАЛ.

 

А, на местото кое е симбол за фудбал, еуфорија и ерупција поминуваат нови генерации под рака фатени и го скратуваат патот без да знаат дека само неколку скали подолу, дека само “накрши” нив, нивни дедовци и прадедовци ги поминувале најубавите мигови на Градски. Се радувале на тој посакуван дожд, славеле и кревале палта, фрлале капи, седеле под стари весници и грицкале семки во исчекување на гол, во исчекување на судиското свирче и почеток на ново доживување.
Сега , врие од седенки кој каде ќе стаса, се гази најсветлата точка каде некогаш параглајдерите со душа чекаа да слетаат, па да добијат аплауз, а тоа пак значеше време за второ полувреме, време за пораз или пресврт.

А, една минута на градски значеше СЕ’!

                                          
Редици за да влезеш на голема трибина, да те познава некој, па да му речеш: „може чичко да ме внесеш без карта?!“ , да имаш висок пријател па да влезеш во некој двор од куќите и да ти даде некој “„индијанска”, па да се префрлиш преку ѕид и да те разбркуваат редарите, па да се пикнеш во гужвата или кај навивачите, мора вака да се напише во еден здив без точка туку со запирка, оти никој не можеше да ГО запре во својата намера да ја гледа ПОБЕДА.

За НАЈУПОРНИТЕ секогаш следуваше награда. Поглед од високо малку на ќош па завиткано, толку – колку да те погали ПОБЕДА за „ бескарта”, поскали, меѓу крошните од дрвјата, кај Брзата помош. Од онај татко му, од овај дедо му, два-тројца залутани муабетчии, уште петмина „од дома избркани” и еден

најгласен што вика:

„ЛУЃЕ ДАЈ ДА ГЛЕДАМЕ ФУДБАЛ – не сме на СЛАВА!!!

Одма, до нив, подолу, пак не можеш, а да не фрлиш поглед на кај „кафезот на мајмуните” . Од: „СЛУШАЈТЕ ВАМУ!“, до „ОВА Е ПРИЛЕП!!!“, се преплетуваа илјадници грла кој понапред, кој подоцна, но сите НАВИВАА без да ги фати МРЗА. Ако стоиш на жица, случајно, а тогаш се истркалала топката во голот, е тогаш….и малата трибина ќе ти се види тесна…оти по голот секогаш следуваше песна, а се околу тебе се тресе од фудбалскиот земјотрес!!!
Сакаш – нејќеш ќе си бараш “чаре”. Ако останеш тука мора да кренеш рака горе и да се декларираш дека си страствен навивач, ако не “сиктер” на мала трибина. А таму?…. Таму пак, иста приказна со уште поинтересен заплет. Последната скала од кај влезот – одма ти го одзема вниманието: „ ТРГНИ СЕ – СМЕТАШ!“ или: „СЕДНИ – гледаш дека корнер има?!“. Мораш да продолжиш понатаму оти во спротивно ќе те „замаваат сеирските прилепски усти “ па ќе мораш да поцрвениш како задница од мајмун. „Ај тоа е добро”, ама ако не побрзаш, ќе нема место ниту да дојдеш до средниот влез, оти таму ЧОЕК ДО ЧОЕК, а и плус летаат семки на сите страни. Сакаш – неќеш, опцијата е да се најдеш онаму, каде што си па да го дочекаш крајот, кога сите стојат дури да се приберат играчите во соблекувалните. Во спротивно, ќе ја испуштиш и таа последна минута која значеше СЕ’.

Кој не видел – не знае, кој не дошол – нема ни да знае!
Кој сега оди таму – колку да си го скрати патот до дома,
а не помислил на тоа дека врви на патеката –
која значи се’ за Прилеп, тогаш, тој,
ќе треба да го прави сето она, што генерации го правеа во сабота и недела:

       

                 НАВИВАА – СЕ НЕРВИРАА – АПЛАУДИРАА – СЕ РАДУВАА!!!

Една минута на Градски значеше СЕ’.
Луѓе побрзајте !
Искористете ги вашите ПЕТ МИНУТИ !!!
На некој толку многу му значат и со нетрпение ги очекуваат!

Би можело да ве интересира

Во рамноправна игра Победа поразена во Струга

Гордана Цветаноска

Дамески: Дали стрелец или тренер? сигурно го одбрав вистинското за мене (ФОТО+ВИДЕО)

Никола Димески

Четири медали за прилепските боксери од државното првенство во Штип (ФОТО)

Никола Димески

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе