ИЗВЕСТУВА: НИКОЛА ДИМЕСКИ
Разрешена е дилемата околу првиот човек на Стручниот штаб на Победа кој ќе ја предводи екипата во настапите во Втората лига-Исток. Тони Мегленски останува Шеф на Стручниот штаб во кој ќе му помагаат Сребре Стефаноски, кој со екипата ја одработи базичната подготовка од стартот на подготовките, а за работата со голманите и натаму е задолжен и со тандемот голмани Макрески-Столевски работи Дејан Кебакоски.
Деновиве на подготовките на Победа и тренинзите на екипата за претстојната второлигашка сезона се приклучи 28-годишниот екс стандраден првотимец на црвено-белите Стојанче Дунимаглоски. Неговото враќање во клубот несомнено е од големо значење за Стручниот штаб и подмладениот состав во претстојната сезона. Како ново име во подмладената Победа за новата сезона е и 25-годишниот доскорешен член на Партизан Обршани Христијан Тодороски.
Од искусните тука се напаѓачот Гешоски кој заедно со повратникот – екс капитенот на Победа Благојче Дамески(кој остави одличен впечаток на пријателскиот меч со Пелистер), со своето искуство ќе бидат од голема помош на младите фудбалери прилепски состав. Во меѓувреме на тренинзите на екипата деновиве се приклучија и повратниците кои се вратија во Победа-Христијан Вецески и Антонио Столевски, со што полека се комплетира играчкиот ростер за новата сезона, кој деновиве ќе биде надополнет и комплетиран со уште неколку засилувања..
Инаку во петок на 9 август во просториите на ФФМ со жребување и извлекување на натпреварувачките броеви ќе биде одреден распоредот на натпреварите за есенскиот дел од првенствата во двете групи на Втората лига Исток и Запад и најверојатно и двојките за 1-16-финалето од Купот на Македонија.
Новата фудбалска сезона во земјава стартува претстојниот викенд со 1-то коло од шампионатот на Првата лига. Мечевите од 16-финалето на Купот, според календарот за натпревари на ФФМ, се предвидени за 21-ви август, додека второлигашките шампионати ќе започнат во сабота на 24-ти август. Полусезоната, во која се предвидени 14 кола ќе заврши на 30 ноември.