5.1 C
Прилеп
четврток, 12 декември, 2024
Пела Радио

НА КЛУПАТА НА ПОБЕДА ПРЕД 60 ГОДИНИ СЕДНАЛ СЛАВНИОТ МОША МАРЈАНОВИЌ!

Верувале или не, легендарниот Благоје Марјановиќ – Моша, да, оној Моша од филмот “Монтевидео“, седнал на клупата на Победа пред 60 години. Од Торино и Катанија, правец во Прилеп, под “Маркови Кули“! Летото во 1960 година, значи пред 60 години,  се случил вистински фудбалски  “земјотрес“.

Еден од најславните, најдобрите напаѓачи во историјата на овие балкански простори, најдобриот фудбалер во некогашна кралска Југославија, учесник на првото СП 1930  во Уругвај, од Италија дошол да биде тренер во градот под “Маркови Кули“. Можеме само да претпоставиме каква тоа било сензација за прилепчани во тоа време. Моша во Победа? Ма, ајде, некој ќе каже сега.

Но, да, вистина било. Погледнете ја само фотографијата на која славниот Моша со бела коса, е седнат некаде во средина, а околу него фудбалерите на Победа. (Момент од подготовките во Крушево тоа лето во 1960 година.)

Инаку Моша како фудбалер играл за екипите на Југославија, БСК, Чукарички, Динамо Панчево, Пролетер Осијек. На 58 настапи за репрезентацијата на кралска Југославија постигнал 37 голови. Во свое време бил светска мега – ѕвезда. Како тренер работел во ОФК Београд, Торино, Катанија и Победа.

ГОЛЕМ ГОСПОДИН КОЈ ГО “ЗАПАЛИЛ“ ПРИЛЕП

Од она што можеше да се најде како извадоци од весници, присетувања на некои стари интервјуа, легендарниот Моша го “запалил“ Прилеп. Прилепчани пред 60 години, па и подоцна, просто дишеле фудбалски за својата Победа, за нив фудбалот некогаш бил религија. Моша бил господин, секогаш “пицнат“ во одело, и само фудбалот го интересирал. Тогаш имал 52-53 години, знаел само за работа, а не ретко ги посетувал и тренинзите на помладите категории на Победа. Пред се и над се, барал дисциплина, водел, барем кога бил во Прилеп, аскетски живот. Прилепчани низ цела тогашна Југославија се фалеле дека го имаат Моша за тренер, се гордееле со него.

Навистина само тој знае зошто тогаш место да продолжи да биде тренер во Италија, а го барале и гигантите, се решил да дојде во Победа, во Прилеп, во Македонија. На мечевите на Победа тогаш стадионот “Гоце Делчев“ бил преполн, сите доаѓале да го гледаат и Моша.

Но како и обично, таквите убави “приказни“ немаат и среќен крај. Моша не останал долго, немал успеси со Победа, резултатите бил лоши. После кусо време тешко се разболел, и и до својата смрт, во 1984 година во Белград, никогаш повеќе не работел во фудбалот.

Сепак прилепчани може да бидат горди на фактот дека еден од најголемите белградски фраери пред Втората светска војна, еден од најдобрите фудбалери на Балканот во историја, бил тренер на нивната Победа.

Моша под “Маркови Кули“? Моша тренер на Победа?

Да, навистина така било, и тоа пред 60 години…

Преземено : sportmedia.mk

 

Би можело да ве интересира

Петто реми на Победа на домашен терен

Гордана Цветаноска

ПРЕСМЕТКА ЗА 2. МЕСТО

Параглајдеристот,Мартин Јованоски го освои првото место на Светскиот куп во Турција

Пела Редакција

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе