И официјално на 28 ми февруари откупот на тутун заврши според новините во Законот за тутун, а паралелно течат роковите за договарање на цените и почеток на расадопроизводство. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски денеска во Прилеп беше во посета на Тутунскиот Комбинат и најави дека субвенциите тутунарите може да ги очекуваат до крајот на март.
Реколта 2019/2020 во рамките на договореното
Целокупното договорено количество на тутун е откупено, а станува збор за околу 26,3 милиони килограми, по цена од 220 денари за килограм тутун. Оваа цена е историски највисока просечна откупна цена во последните шест години. Штом завршат сите административни процедури околу контролите, Платежната агенција во текот на месец март ќе започне со средување на налозите за исплата на субвенциите за производителите на тутун и доколку се вкалкулираат и субвенциите, се постигнуваат цена од околу 300 денари за килограм тутун. Спрема тутунопроизводителите ќе бидат исплатени вкупно 125 милиони евра, од кои 31 милион се субвенции, “рече министерот Димковски , задоволен од текот на кампањата.
Две третини од реколтата се произведени во регионов, така што Прилеп и понатаму останува центар за производство на оваа индустриска култура.
Новата реколта веќе се договара. Земјоделците се подготвуваат, а за годинава нема да им требаат „белите картони“ за склучување на договори.
„На тутунарите единствено што им треба е ИДБ бројот на земјоделското стопанство од подрачните единици и важечка лична карта за склучување договор,“ потенцираше ресорниот министер Димковски.
Во тек се преговорите околу новите цени. Претставниците од Сојузот на земјоделски здруженија велат дека ќе има зголемување на цените.
– Правилникот за откуп на тутун и формирањето на мострите ќе бидат изменети до почетокот на новиот откуп. Некои од компаниите имаат покажано интерес за зголемување на цените. Ние бараме првата класа да биде 300 ден., втората 220, 180 за трета и 90 денари за килограм тутун од четврта класа, рече Менде Стомнароски од сојузот, кој што најави дека ќе бараат тутунот да се проценува само во 4 класи.
Прилепскиот Тутунски Комбинат е дел од 9 те откупни компании кои преговараат за цените.
– Минатата недела во Стопанската комора ги започнавме преговорите, а потоа во Министерството за земјоделство ќе биде медијацијата и се надевам дека со претставниците на тутунопроизводителите ќе најдеме „заеднички јазик“ околу постигнување цени за новата реколта тутун, рече Кирил Станкоски, директор на Тутунски Комбинат АД Прилеп.
Ресорниот министер најави дека на постоечките 9, за новата реколта, има изгледи дека ќе се приклучи уште една откупна компанија и тоа за прв пат од Турција.