20.4 C
Прилеп
вторник, 15 октомври, 2024
Пела Радио

Нема откуп и протести до петок, кога ќе се бара решение меѓу тутунарите и откупувачите во ресорното министерство

Се ставаат во мирување протестите, поверениците се повлекуваат од откупните ваги до петок, кога на заедничка маса во Министерството за земјоделство ќе седнат претставниците од Иницијативниот одбор на тутунопроизводителите, како и од Сојузот на земјоделски здруженија и сите откупувачи. Ова е резултатот од денешната средба во општинската зграда во Прилеп, каде на повикот за итна средба присуствуваше ресорниот министер Адријанит Хоџа, 15 тина претставници од Иницијативниот одбор на тутунарите, претставници од Сојузот на земјоделски здруженија, како и градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски.

-Веднаш се одзвав по барање на иницијативниот одбор на тутунарите за средба која беше доставена вчера во мојот кабинет. Ги добив нивните барања кои се во овој период во насока на бранење на интересот на производителите на тутун. Овие барања заеднички ги договоривме во петок да ги свикам на заеднички состанок и откупувачите на тутун и заедно да ги претставиме пред нив овие барања, бидејќи реално наша улога како министерство е чисто од аспект на мониторирање и ќе бидеме присутни заеднички на тој состанок. Ќе ги претставиме барањата на Иницијативниот одбор од протестите и од тука ќе донесеме соодветни одлуки. Се одлучивме и им се заблагодарувам на Иницијативниот одбор дека ќе ги прекинат протестите до петок кога ќе биде средбата. Ако има договор после петок ќе се одвива целиот процес на откуп на тутун како што треба, доколку нема, ние ќе се обидеме максимално колку што се нашите ингеренции да постапиме и да се заокружи успешно оваа година, без оглед на овие проблеми на почетокот, рече ресорниот министер Адријанит Хоџа.

Иако договорената количина на ниво на држава е 23 милиони кгр до денес се откупени само 300 илјади кгр, што е 1,5 % што е многу малку, додаде министерот Хоџа, кој потенцираше дека добро е што се реагира на почетокот за проблемот да не се продлабочува.

Сојузот на земјоделски здруженија, како претставник на тутунопроизводителите се повлекува со нивните повереници, од проценката на родот на вагите за наредните неколку дена до изнаоѓање решение.

– Сакам да ги известам сите повереници од цела држава дека од утре до в петок да се повлечат од вагите додека в петок одиме на преговори со откупувачите, за да видиме кое решение ќе се најде. Од утре тие нема да бидат на вагите и нема да се откупува тутун. Ние сме со тутунарите и она што го бара Иницијативниот одбор и ние го бараме – реална проценка, намалувањ на одбитоците се’ во интерес на тутунарите, рече Мендо Стомнароски, претседател на Сојузот.

Претставниците од Иницијативниот одбор од протестите велат дека се задоволни од тоа што се остварила средбата, која што претходните денови бараа итно да се случи, за да му ја предочат реалната слика на ресорниот министер.

– Нас ни беше целта да оствариме средба со министерот и да не’ вклучи во преговорите со откупувачите. Ние од илегала влеговме во легала, ќе седниме на маса и имаме можност да најдеме решение. Нас не ни е целта да штрајкуваме, ние имаме работа по нивите и треба да работиме, да најдеме начин. Ние не го напаѓаме министерството, тие ни ги даваат субвенциите. Ние не бараме откупувачите да осиромашат и да бидат во загуба, но бараме и ние да не осиромашиме. В петок, на преговорите, со  правен тим ќе се бара решение и да се утврди каде се случуваат тие спреги и на каков начин ни се зема тутунот. До петок нема протести, но ако не најдеме заедничко решение протестите ќе продолжат, ќе блокираме откупи и патишта се’ што е во законска можност. Ние не сме хулигани, ние нема да правиме револуција, ниту туркаме Влада, ние си ги бараме нашите права, потенцираше Игор Мирчески, од Иницијативниот одбор на групата Македонски тутунари која што ги организираше протестите.

Тутунарите бараат извинување од генералниот директор на Тутунски Комбинат за исказот дека “тутунарите лажат за ниската проценка“ на средбата со новинарите вчера. Бараат заедничко решение за сите, државата да најде начин да ги задолжи откупувачите да дојдат до реален просек при проценката, за да не дојде државата да дополнува до 200 денари за кгр , просечна цена која, според тутунарите, е рентабилна за актуелната реколта. Според нив не е решение Второстепената комисија, која што реално не може на терен да се справи со големиот број забелешки на земјоделците, бидејќи Инспекторатот има мал број на луѓе за увид, исто како и министерството.

Пред општинската зграда имаше поголема група тутунари кои го чекаа исходот од средбата со министерот Хоџа. Тутунарите велат дека ниту меѓусебно се познаваат, ниту има некаква политика позади нив. Единствен заеднички именител е интересот – реална проценка на нивниот труд.

Би можело да ве интересира

Че трчаме – Прилеп по втор пат домаќин на маратонски трки

Пела Редакција

Женските политички здруженија од Прилеп активно го одбележаа Меѓународниот ден на жената, 8-ми Март

Елизабета Филипоска

Прилеп и состојбата со коронавирусот

Елизабета Филипоска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе