10 C
Прилеп
недела, 13 октомври, 2024
Пела Радио

Тутунари: Бараме достоинствен живот, цела година работиме, за некој, на кантар, по наредба за 20 минути, да ни ја одери кожинката!

Заполшки мост на излезот од Прилеп кон Градско беше зборното место за протестот на тутунарите кој што денеска се одржа од 10 до 12 часот. Масовниот протест на кој што присуствуваа тутунари, земјоделци од Пелагонија и од другите региони од Македонија, се одржа во присуство на полицијата, а беа пропуштани само  возила на Итната медицинска помош. Магистралниот пат Прилеп – Градско беше во прекин 2 часа. Тутунарите ги искажаа своите барања и револтот од нереалната проценка во досегашниот тек на тутунскиот откуп, велат се изиграни и дека само преку протести и блокади ќе мора да ја бараат правдата за достоинствен живот.

– Откупувачите, може до некаде и државата, се обидуваат веќе две недели, се обидуваат веќе 30 години, ама ајде овие две години, се малку покритични да не’ изиграат и веќе не’ изигруваат. Ја од ова место ќе им порачам само едно – нам ни е сосем сеедно, дали ќе умриме од настинка, од корона или од грип, или од глад . Значи ако е потребно до идната нова година ќе блокираме, ќе ја блокираме цела држава. Има светот да се чуди со блокади, се’ додека не го постигнеме она што го бараме, а тоа е: ДОСТОИНСТВЕН ЖИВОТ! Услови за достоинствен живот за сите овие луѓе овде што ги гледате. Цела година работиме, за 20 до 30 минути, некој на кантар по наредба треба да не изгори, да ни ја одери кожинката и да си одиме дома со по 100 денари за кило тутун. Ве молам, во услови кога имаме луѓе кои што седат дома, земаат плата. Во услови кога државата, кога државата оддвојува пари, како надомест за загуба при Ковид криза , ние сме осудени да ја финансираме државата. Нашите пари одат во државата. Па не можиме веќе, не може! Доста беше!Една порака до Владата, горе: Господа, освестете се! Ние земјоделците ве донесовме таму каде што сте, ние ќе ви ги тргниме столиците од под вашите газови, рече Васко Јосифовски, тутунопроизводител од село Трновци, општина Могила.  

Минималната просечна цена треба да достигне од 180 до 200 денари за килограм, во сите региони и на секоја вага, потенцираат производителите.

– Откупот се движел минатата недела 160 денари на ниво на Комбинат, не на ниво на Комбинат, некој зел 100 денари, некој зел 200 денари. Поединечно да се достигне цена од 180 до 200 денари, тоа се нашите барања, а тоа ќе се оствари ако се укини таа 4 класа, и реално да се проценат горните берби, велиме за врв, врвот ни го клаваат со подбирот, а подбирок сите познавачи на тутунот, знаат што е, тоа не може да биде 3 или 4 класа, вели Флоре Груевски, тутунар.

Тутунарите уште еднаш потенцираа дека решението мора да се најде веднаш, зашто во оваа здравствена криза доколку и натаму со одолговлекува со ниската линија на проценка, состојбата може само да се влошува.

Еве денеска се виде револтот на тутунопрозводителите. Огромен револт. Не’ излажаа нас, го излажаа и министерот. Луѓе, ова веќе ќе излезе надвор од контрола. Значи веднаш под хитно да дадат гаранции, за тоа што го бараме да гарантираат откупувачите кон државата, оти ова ќе се претвори во анархија – во збирања, во ширење на Ковид кластери, луѓево немаат каде. Верувајте нема да се повлечат, ќе одат само напред и напред. Да не дојде тоа, хитно да си најди државата механизам да го спречи овој грабеж што се случува над тутунопроизводителите и веднаш да го реши проблемот. Само веднаш е решение на проблемот.Одолговлекување на проблемот – не е решение. Во овој момент ни одолговлекуваат, но свесни сме ние  и нема да отстапиме. Ќе одиме до крај, додека не се реши проблемот на сите тутунари, од цела Македонија со сите откупувачи. Сите треба да земат исто за својот труд, без разлика во кој комбинат го предаваат и без разлика во кој град го предаваат, маката на сите ни е иста, рече Игор Мирчески, од Иницијативниот одбор на групата Македонски тутунари.

Протестот помина без никакви инциденти, а веќе за наредниве денови најавени се протести во останатите тутунарски региони. Денеска е втор ден од редовниот откуп на тутунот и сите регистрирани откупни пунктови се отворени во цела држава. Производството се предава со слаба динамика. Според ресорниот министер Арјанит Хоџа, до петок ќе се следи состојбата со откупот, кога треба да се направи пресек од петте денови дали навистина ветувањата од откупувачите за пофлексибилна линија на проценка ќе се оствари.

Би можело да ве интересира

Градови во Македонија ги зафати невреме со силен дожд, грмотевици, град, поплави,…

Пела Редакција

Здравствен дом Крушево обезбедува пункт за примена на брзи Ковид тестови

Гордана Цветаноска

Македонските жени регистрирани земјоделки се дискриминирани од државата

Гордана Цветаноска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе