1.4 C
Прилеп
петок, 15 ноември, 2024
Пела Радио

Рефокусираните мистерии на Дарио Фо, како лесно гледливи и гротескни лакрдии на Цветановски во Прилепскиот Театар

Пишува Звонко Димоски

„MisterоBuffo“ е најгласното дело на Дарио Фо (1928-2016), највлијателниот современ италијански писател-театарџија, добитник на Нобеловата награда за литература во 1997 година. Кратко речено, Мистеријата како драмскиот текст на Фо раскажува фрагменти од Светата Историја на комичен начин, навраќајќи се на културните традиции на карневалот и лакрдијаштво, комбинирајќи средновековни приказни со политички и религиозни теми.

 

Всушност, повеќето од делата на Дарио Фо се занимаваат со политички и социјални теми, критикувајќи ја најчесто црквата, но и политичките убиства, мафијата, корупцијата, политиканството или некои тековни конфликти.

Мистеријата, напишана 1969 год., долги години била забранувана од Ватикан поради богохулење. Инспиративно и тематски, таа оживува библиски теми и апокрифни приказни во чудесно смешна и длабоко субверзивна сатира за моќта, народот и контролата.

Во создавањето на атмосферата на сцените од кои е составена „Мистерија Буфо“, Фо се потпирал на две главни традиции од кои неисцрпно креативно се инспирирал, односно онаа на ‘giullare’, односно патувачки комичар, пејач, мимичар, кој во средниот век бил носител на скриената/премолчената (субверзивната) култура и онаа на големите кловнови на Commedia dell’ Arte со нивната употреба на маски, дијалекти и грамелот, односно звучна имитација на јазикот, најчесто користен во сатирата, во чија суштина лежи уметноста на импровизацијата.

Режисерот Андреј Цветановски и Прилепскиот Ансамбл се потрудиле презентираните догми, кои раскажани се на јазикот на комедијата, да не изгубат многу од својата мистичност, запазувајќи ја притоа доминантната раскажувачка парадигма на иронија и злобност кај Фо. Мистериите на Цветановски донесуваат на сцената постановка во која тешко е да се најде било каква замерка на целиот ансамбл од гледна точка на актерство, но сепак самата сценска реализација која, да, точно е дека е претежно гротескна, но не и наизменично доволно цинична, има сцени во кои гледачите може да се најдат згрозени или во недоумица, на пример дали Смртта како лик намерно не е страшна, или пак, намерно е сведена на креација од цртан филм или Дизниева бајка. Исто така, недостасува очекуваниот контрапункт, бидејќи брзо станува јасно дека контекстот на пораките извлечен од Мистериите на Фо, ќе подлежи на авторска реинтерпретација и рефокусирање.

Ако патувачките забавувачи ги соочувале официјалните црковни евангелија со приказни од усната и фолклорната/народна традиција на религиозни приказни, тогаш Цветановски приредува популаризаторскипрераскажувања на евангелијата во „Масакрот на невините“, „Воскреснувањето на Лазар“,  „Чудото на свадбата во Кана“, „Марија под крстот“ и други. Тој се потрудил да ги оптерети овие приказни со физичка комедија и сатира, токму на начинот на кој шутовите го прикажувале Исус и приказните од Библијата. Овој потфат, актерски реализиран е многу добро, посебно во фантастичните, визуелно многу убедливи групни сцени, од страна на Наташа Ачански, Илија Волчески, Димитар Ѓорѓиевски, Ангела Наумоска, Марија Спиркоска-Илијески, Александар Тодески, Михајло Миленкоски,  Димитар Црцороски и Томе Темелоски.

Сите тие подоцна се јавуваат и како соло-изведувачи во центарот на претставата, претворајќи се во талкачи низ земјата носејќи најнови вести, најавувајќи чуда и исмевајќи ги одговорните за целата неправда и погрешното владеење од кои страда обичниот народ. И чудата почнуваа да се редат, фокусирајќи се на прашањата за поседување земјиште, експлоатацијата на необразованите, класните разлики,  алчната религија, сопственото достоинство и зависноста од господарот итн.

Цветановски и драматургот Митоска–Ѓорѓиевска во оваа сценска адаптација успешно го оживуваат овој агитатор, овој бунтовник, овој кажувач на вистината во време кога тие се најпотребни – значи постојано, а посебно сега! Но, за жал, истиот го направиле да се повлекува пред реалното соочување со народот и најмоќните, зашто „главата ќе лета“. И на крајот од претставата, рефокусирањето токму тоа и го приредува, односно на сите главата им е на бесилка. Доколку пораката, поврзана со тоа што денес ни се случува како заедница и општество, е дека не секогаш смееме да кажеме што мислиме, дека не секогаш ни е дозволено јавно да ги навредиме поважните/поголемите, односно дека треба да се научиме да премолчуваме, е сокриениот, споменат претходно како изоставен контрапункт, чинам дека истиот, наместо да ја поткрене на делување и активност, повеќе ја разочарува и обескуражува публиката, и како гледач, и како човек.

Недогматски гледано, можеме да кажеме дека „Мистерија Буфо“ и Дарио Фо потекнуваат од традиција во која Бог ги сака луѓето и со симпатија гледа на она што им причинува задоволство. За разлика од Богот кај нас, кој сака да се моли, да се прашува, да му се извинува и да се трпи пред неговите очи. Контрастот, но не поразот, меѓу таа тамошната, да ја наречеме, ритуализирана среќна религија и тукашната измачувачка, мислам дека е контрапунктот кој ѝ недостасуваше на претставата, а сметам дека таквиот зафат можеби би оставил голем впечаток на гледачот, и уште повеќе би соодветствувала со одбраната музичка илустрација на вештиот (овој пат активно присутен на сцената) Томе Темелкоски, Димитар Ѓорѓиевски и ВИС „Војдан Чернодрински“.

Митоска-Ѓеорѓиевска ја извршува драматизацијата (и преводот) доследно и суптилно, трудејќи се да запази, односно да го прилагоди изворниот текст со некои ритмички обрасци и културни регистри на нашиот јазик, употребувајќи напати дијалектни зборови, регионализми и културолошки вдомени метафори. Понатаму, за разлика од одличните, современо прилагодени костими на Марта Дојчиновска, сценографијата на Сергеј Светозарев, потпрена на многупати видената веќе саргија-естетика, остава многу млак впечаток, посебно возвишението/платформата/коцката во која музицира Темелкоски, која не врши буквално никаква функција. Исклучок е можеби Мистеријата поврзано со свадбата во Кана.

Резимирајќи, најголемата вредност на претставата е одржуваната необичната сплотена комбинација на комичност и емоции, во која приземната човечка душа се забавува, соочувајќи се со натчовечка сила на светоста, односно трансцендентните сакрум и профанум, прилично коректно доловени од Цветановски, заедно со Прилепскиот Ансамбл.

Текстот не е напишан после вчерашната изведба на претставата во рамките на Фестивалот, туку после ноемвриската (2022) премиера во Прилепскиот театар.  Опширната анализа објавена е на порталот умно.мк, достапна тука: https://umno.mk/refokusiranite-misterii-na-fo/

Би можело да ве интересира

„Со почит кон…“ рок и поп концерти на прилепски групи на Камената бина

Пела Редакција

Се’ е подготвено за детскиот театарски фестивал „Силјан Штркот„

Елизабета Филипоска

Прилепскиот театар, утре, работно,со престава, ќе го одбележи Светскиот ден на театарот 27-март

Елизабета Филипоска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе