Вечерва ново музичко доживување во рамки на проектот „Од 0 до КултурА“. На Камената бина, со почеток во 21:00 часот, ќе настапи прилепскиот панк-рок и поп-панк бенд Side Quest, млад состав кој со својата енергија, талент и авторски пристап го гради своето место на македонската алтернативна музичка сцена.
Бендот Side Quest, од 2023 година е дел од македонската алтернативна музичка сцена, а моментално го подготвува својот прв деби албум. Зад себе веќе има објавено авторски сингл, песна посветена на ФК „Победа“ и современа преработка на македонската народна песна „Ако одам во Битола“. Бендот има настапувано како предгрупа на повеќе познати домашни состави, а беше и финалист на фестивалот за млади бендови „Лузер Фест“.
Публиката вечерва ќе има можност да ужива во музичко патување низ историјата на панк-рокот – од бендовите кои го поставија темелот на овој музички правец, па сè до современите влијанија што го обликуваат денес.

