18.3 C
Прилеп
среда, 22 јули, 2026
Пела Радио

Импозантен мурал што ја слави македонската писменост и култура „никна“ на ѕидот на ООУ Климент Охридски – Прилеп

Додека учениците уживаат во летниот распуст, во ООУ „Климент Охридски“ – Прилеп се создава дело што ќе ги пречекува и инспирира уште многу идни генерации. Наместо празен ѕид, училиштето доби монументален мурал , висок колку самата училишна зграда, кој преку бои и симболи ја раскажува приказната за македонската писменост, култура, историја и духовен идентитет.

Автор на муралот е наставникот Влатко Николоски, кој ова уметничко дел го работел повеќе од еден месец (35 дена), нештедејќи се себеси кон разубавување на ѕидот и покрај високите летни температури.  Муралот е висок  15 метри, широк 11 метри и преставува импозантна слика што ја слави македонската писменост и култура.

На врвот на композицијата достоинствено е претставен патронот, Климент Охридски како симбол на просветителството, мудроста и знаењето, со вечната вредност на книга во неговата рака, опкружен со убавините на неговиот творечки простор, манастирот Св.Наум Охридски, деца/ученици кои читаат и букви од кирилицата што симболично „оживуваат“ излегувајќи од отворените книги,  Охридското Езеро, препознатливата охридска архитектура, македонското знаме и прилепскиот Саат, сето спој на просветителството, културното наследство и љубовта кон татковината во едно моќно уметничко дело.

На наставникот Влатко Николоски, ова му е  втора уметничка донација. Првата е скулптура „Капка солза“, посветено на децата со посебни образовни потреби, поставена во дворот на ООУ Климент Охридски. Со овие дела и со својата креативност, знаење и посветеност тој само покажува и потврдува дека учителската мисија не завршува во училницата, туку продолжува и преку уметноста што воспитува, инспирира и остава трајни вредности.

 

“Денес со голема гордост и радост го закруживме еден од најголемите проекти во нашето училиште! Благодарение на исклучителниот талент, посветеност и големото срце на нашиот наставник Влатко Николоски надворешниот ѕид на нашето училиште доби ново, непроценливо ремек-дело кое ќе го разубавува нашиот простор и ќе инспирира уште многу идни генерации. Уметноста има моќ да го промени просторот, но кога е создадена со љубов на самиот влез и лице на училиштето, таа го менува срцето на целата заедница“ напиша на својот ФБ профил директорот на ООУ Климент Охридски – Прилеп, Ахил Јаков, кој упати јавно благодарност до Влатко за неговиот несебичен труд, визијата “и, за сите убави приказни што ги преточува во бои за нашето училиште“ напиша тој .

Ова е уште еден пример дека секој училишен простор може да стане место кое мотивира, едуцира и буди чувство на гордост кај учениците. Овој  мурал не е само украс на фасадата. Тој е и отворена лекција по историја, писменост, култура и идентитет, потсетник дека знаењето е темелот врз кој се гради иднината, а училиштето е местото каде што таа приказна започнува.

Би можело да ве интересира

На празникот Младенци во храмот „Св. Петка“ во Точила ќе се отслужи Заупокоена Божествена Литургија и Панихида

Грмотевици град и дожд во Прилеп

Пела Редакција

(ВИДЕО)И во земјоделството важи правилото-подобро да се спречи од колку да се лечи!

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе