Три дена со многу енергија, со многу забава, вкусна храна и пијалоци и двојно зголемен посетеност и интерес за Прилеп, за Пиво фестивалот, за прилепската чаршија. Весело, безбедно, проткаено со незаборавна дружба измина уште еден Фестивал на пивото и скарата во Прилеп, ова се првичните впечатоци по завршувањето на најголемата манифестација што е симбол на градот.
Најважно е што Пиво фестивалот измина без ниту еден настан од полицискиот билтен , безбедно и во духот на традиционалното гостопримство, прилепчани и овој пат се покажаа како одлични домаќини за време на трите денови.
„Согласно моето убедување ги постигнавме сите цели кои што си ги поставивме заеднички со организаторите за овој фестивал. За мене најважно како градоначалник е што за време во овие три дена видовме среќни лица и сметам дека императивот е постигнат. Успеавме прилепчани да ги оддвоиме од електронските уреди во центарот на градот да слушаат добра музика, да се напијат од пијалоците кои што беа понудени од угостителите и се разбира ја вкусија најдобрата храна – прилепската скара. Тоа ни беше основната цел, да ги направиме луѓето посреќни, да му дадеме една поинаква димензија на летото. Како локална самоуправа и како главни покровители на овој настан тоа е дека јавните комунални претпријатија беа на висина на задачата после секоја фестивалска вечер отпадот беше одложен, просторот исчистен и измиен и уште од раните утрински часови просторот на одржување на фестивалот беше подготвен за следниот фестивалски ден. И она што е клучно тоа е дека според полицискиот билтен овој беше најбезбедниот фестивал. Тоа е поттик уште еден поттик до година да имаме уште поуспешен и уште попосетен фестивал од оваа годинава. Би ја искористил оваа прилика да им се заблагодарам на сите општествено одговорни компании кои што го поддржаа овој настан и верувајте дека навистина имаше сериозен интерес како никогаш досега, доброволно се пријавуваа компании коишто сакаат да дадат финансиска поддршка за овој фестивал. Верувам дека прилепчани ќе ја препознаат нивната општествена одговорност. Продефилираа многу луѓе, во полицискиот билтер не е запишан нити еден настан којшто се однесува на прекршување на јавниот ред и мир, нити настан којшто ги прекршил сообраќајните правила кои што беа вонредно воспоставени низ улиците на општина Прилеп. Значи се’ на се’ оценката е дека имавме исклучително добар фестивал што за нас како општина Прилеп, верувам ќе се согласи и организаторот претставува само уште еден поттик до година да имаме уште поуспешен и уште попосетен фестивал од оваа годинава,“ посочи градоначалникот Дејан Проданоски.
Фестивалската еуфорија ја пренесоа на сцената изведувачите од кои дел за прв пат настапуваат во Прилеп.
„Сите музичари и уметници кои настапуваа беа многу задоволни, а дел од нив беа и за прв пат на фестивалот. Потрошувачката на скара и пијалоци била двојно зголемена за време на Пиво фестивалот,“ пренесе свои впечатоци на прес конференцијата Илија Волчески, еден од водителите на манифестацијата.
Доправа ќе се сумираат бројките за посетеноста согласно анализите на присутните изложувачи на пијалоци и храна. Но на крајот најважно е дека задоволството од Пиво фестивалот го споделија и домаќините и гостите кои допатуваа од цела Македонија и од странство.

