Комплетното реновирање на градинката „Аличаир“, како и инсталирањето нова опрема во кујната во градинката „Гоце Делчев“, беше повод градоначалникот Илија Јованоски, заедно со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и претседателот на општинскиот Совет, Миле Талевски, да ги посетат двете детски градинки.![]()
Градоначалникот Јованоски истакна дека исто како и досега, Општина Прилеп и натаму ќе инвестира во подобрување на условите во сите објекти на ЈОУ Детска градинка „Наша иднина“.
„ Сакам да ја истакнам благодарноста за општествената одговорност која ја покажуваат одредени фирми преку донирање средства за градинките, како што се ‘Гентерм’, ‘Микросам’ и Ротари клубот. Нашата соработка со јавната установа ‘Наша иднина’ ќе продолжи и понатаму и Општина Прилеп стои на располагање за сите работи кои им се потребни на прилепските градинки“, изјави градоначалникот Илија Јованоски.![]()
Орце Тодоровски, в.д директор на ЈОУ Детска градинка „Наша иднина“ Прилеп, информираше дека во градинката „Гоце Делчев“ целосно е репарирана кујната, што ќе овозможи припрема на 1.500 оброци дневно, а комплетно е реновирана и градинката „Аличаир“.
„Комплетно е сменета целокупната водоводна и електрична инсталација, купени се нови казани за готвење чија вредност е 470.000 денари, а целата инвестиција во градинката ‘Гоце Делчев’ изнесува 690.000 денари. Исто така, после 35 години се инвестира и во градинката ‘Аличаир’, каде е комплетно сменета дограмата и покривот, целосно се уредени дворот и оградата, а извршено е молерисување на оваа, како и на градинката ‘Бончејца’, потенцираше Тодоровски.
претходна вест

