9.1 C
Прилеп
недела, 3 ноември, 2024
Пела Радио

Нов број на списанието Стремеж

Новиот број на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“ деновиве излезе од печат.
Во рубриката Поезија во вториот број на „Стремеж“ за 2018 година се објавени нови песни од Катица Ќулавкова, Линдита Ахмети и од Николина Андова-Шопова.
Во рубриката Проза читателите можат да го прочитаат расказот „Песна“ од Блаже Миневски, извадокот од романот „Кај што реката го бакнува небото“ од Билјана Тинтоска и расказот „Зошто венеат цвеќињата“ од Иван Антоновски.
Во рубриката Нови гласови, „Стремеж“ во вториот број ја промовира поезијата на младиот македонски автор Борислав Јарчевски.
Во рубриката Препеви, преводи во овој број на списанието се објавени песни од словенечкиот поет Иван Добник препеани на македонски јазик од Драгана Евтимова, поезија од турскиот поет Гокченур Челебиоглу во препев на Игор Исаковски и песни од германската поетеса Нора Гомрингер препеани на македонски од Зоран Радически.
Во рубриката Критики, есеи, студии Максим Каранфиловски пишува за зборникот „Како го читам Конески“, Лидија Капушевска-Дракулевска се осврнува на поетската книга „Небесна пантомима“ од Зоран Анчевски за која авторот ја доби престижната награда „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата, а Габриела Стојаноска-Станоеска пишува за митските фигури во прозата на Тања Урошевиќ.
Во последната рубрика IN MEMORIAM е објавена био-библиографија на академик Милан Ѓурчинов (1928-2018) и неговиот текст „Можности и перспективи на вредносната критика во современата литература“, како и освртот од Бобан Карапејовски за неговиот живот и творештвото на овој критичар и есеист. Исто така во оваа рубрика е објавена и био-библиографија на драмскиот писател, сценарист, преведувач и универзитетски професор Горан Стефановски (1952-2018), извадоци од неговите драми во избор на актерот Димитар Ѓорѓиевски од театарот „Војдан Чернодрински“, како и текстот „Писмо до човекот кој беше пред своето време“ од Иван Антоновски.
Списанието „Стремеж“ го издава Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп со поддршка на Министерството за култура.

Би можело да ве интересира

Излезе новиот број на списанието „Стремеж“

МТФ „Војдан Чернодрински“ 58. издание – ова е програмата

Во прилепскиот театар премиера на претставата „Круг“

Гордана Цветаноска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе