Градоначалникот на Општина Прилеп Дејан Проданоски со соопштение до јавноста во кое го осудува вандалскиот чин на симнување и палење на знамето на Општина Прилеп, изразувајќи благодарност до припадниците на Министерството за внатрешни работи за брзата реакција. Проданоски упати апел до сограѓаните – поединечните неодговорни постапки да не го нарушуваат мирот, почитта и достоинството на прилепчани. Го објавуваме во целост:
„Со жалење и загриженост го осудувам синоќешниот вандалски чин на симнување и палење на знамето на Општина Прилеп! Знамето на Општината е симбол на нашиот град, на неговата историја, достоинство и на сите граѓани на Прилеп.
Секој напад врз овие симболи е напад врз вредностите што нѐ обединуваат како заедница, а особено кога таквиот чин е дело на странски државјанин, кој е должен да ги почитува законите, симболите и достоинството во средината во која престојува.
Изразувам благодарност до припадниците на Министерството за внатрешни работи за брзата и ефикасна реакција, со која сторителот беше приведен.
Апелирам до сите граѓани да продолжиме да ги чуваме и почитуваме симболите на нашиот град, да не дозволиме поединечни неодговорни постапки да го нарушат мирот, меѓусебната почит и достоинството на граѓаните на Прилеп.
Прилеп останува да биде град на достоинствени, чесни и одговорни луѓе, кои знаат да ги штитат своите вредности,“ стои во реакцијата на градоначалникот на Општина Прилеп Дејан Проданоски.

