Македонската претседателка проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова денеска во претседателската вила „Водно“ постхумно ја одликува со орден „8 Септември“ професорката Наде Проева за нејзиниот исклучителен научен придонес во македонската и светската историографија преку која работа ја афирмираше античката историја на Македонија и древните Македонци.

Државното одликување го прими нејзината сестра Павлина Проевска, извршен директор на МАКЕДОНИКА – Центарот за историски студии „Наде Проева“ кој е формиран од оставнината на професорката Проева.

Предлогот за постхумното одликување на професорката Проева е инициран од проф. д-р Георги Гоце Дуртаноски, проректор на Европската христијанска академија од Рига, а Комисијата за одликувања при Кабинетот на претседателката го усвоила предлогот ликот и делото на проф. д-р Наде Проева да биде признат со државно одликување.
Македонската претседателка Сиљановска-Давкова имаше импресивен говор посветен на исклучителниот придонес на Проева.
„
Денес ѝ оддаваме признание на една жена која му го посвети животот на демистификацијата и разбирањето на минатото, уверена дека без него не можеме целосно да ја разбереме ниту сегашноста, ниту самите себе.Наде Проева беше еден од најпрепознатливите истражувачи на античката историја на Македонија со кој даде значаен придонес во проучувањето на историските корени на македонската култура и идентитет, и дека историјата за неа не беше бегство и засолниште од сегашноста. Нејзиниот научен интерес никогаш не остана затворен меѓу страниците на стручните списанија и академските конференции. Таа активно и бурно учествуваше во јавниот живот, уверена дека интелектуалецот нема само право, туку и должност да зборува кога се отвораат прашања од суштинско значење за културата, историјата и идентитетот,“ подвлече претседателката Сиљановска-Давкова.
Во рамките на настанот беше инаугуриран и документарниот биографски филм „Наместо хагеографија“ посветен на Наде Проева во продукција на нејзината сестра Павлина Проевска.

Проф. д-р Наде Проева
(Ресен, 9 септември 1949 – Скопје, 6 ноември 2024)

Проф. д-р Наде Проева беше македонски историчар-класицист и редовен професор на Универзитетот Св. Кирил и Методиј при Филозофскиот факултет – Катедрата за историја во Скопје од 1984 година до нејзиното редовно пензионирање во 2014 година.
Родена е во Ресен на 9 септември 1949 година каде завршува основно и средно образование (гимназија), а високото образование го продолжила на Универзитетот во Белград каде дипломирала античка археологија (Филозофски факултет – Белград) во 1973 година на тема „Четири необјавени доцноантички некрополи од околината на Прилеп“. Истата година, од декември 1973 до март 1975 година работи како кустос во Народниот музеј во Прилеп. Во јуни 1978 на Филозофскиот факултет во Белград го брани магистерскиот труд „Типологија на надгробните споменици во југословенскиот дел на римската провинција Македонија“.
Од 1979 до 1981 била на специјализација на Универзитетот Сорбона во Париз, каде се здобила со диплома за продлабочени студии од областите епиграфика, нумизматика и религија. Во декември 1992 година на Филозофскиот факултет во Белград ја брани докторската теза: „Влијание на доселениците на развојот на културните прилики во римската провинција Македонија“. Од 1 март 1984 година е избрана за предавач на Филозофскиот факултет во Скопје (Институт за историја) за предметот Историја на стариот век, а од 1993 за доцент по предметот Историја на античките Македонци.
Повеќе пати била на студиски престои во странство: на универзитетите во Вроцлав и Гдањск (Полска), Француска археолошка школа во Атина (Грција), Францускиот институт во Истанбул (Турција), Австриска академија на науките во Виена (Австрија), на универзитетите во Нанси и во Париз-Нантер во (Франција) и други. Настапувала на меѓународни научни собири во Франција, Канада, Србија, Бугарија, Хрватска, Естонија, Русија, Романија, Италија и Полска, а држела предавања во Хрватска, Словенија, Франција и Холандија.
Наде Проева беше уредник на две едиции: Bibliotheca Miscellanea Byzantino-Macedonica (BMBM, 1.1 и 1.2) и Historia Antiqua Macedonica (HAM) за кои напишала предговори, забелешки, индекси и изработила карти. Во едицијата Historia Antiqua Macedonica таа објавува преводи на книги за историјата на античките Македонци, а книгата „Историја на Аргеадите“ (2004) е прв учебник за античките Македонци за студентите на Филозофскиот факултет (катедра за историја).
Учествувала во археолошки ископувања на антички и средновековни локалитети во Македонија, Србија, Полска и Грција во проекти на Археолошкиот институт од Белград, на Македонската академија за наука и уметност (МАНУ), на Српската академија за наука и уметност (САНУ) и на Берлинско-Брандербуршката академија на науките (ББАН). Како визитинг професор има одржано предавања на универзитети во Франција, Хрватска, Словенија и Холандија.
Активен работник за популаризација на историската наука со учество во бројни телевизиски и радио емисии, написи, прикази на книги и интервјуа во дневниот печат.
Добитник е на орденот Витез на академските палми (Chavalier des Palmes académiques) од владата на Република Франција во 1997 година.
Проф. д-р Наде Проева почина во Скопје на 6 ноември 2024.
Најпознати цитати од проф. д-р Наде Проева кои оставија траен белег на нејзината интелектуална работа:
„Народ што изодел толку тежок пат низ историјата неможе да се откаже од себеси.“
„За да се спречи обидот за одмакедончување треба сите, особено помладите, да се вооружат со знаење и со силата на фактите да им се спротивставиме и на негаторите и на „докторите“ од светската лабораторија на неолибералниот капитализам, за пресоздавање и преобликување на народите, во што нѐ втурнаа нашиве однародени политичари.“
„Слабоста и немарноста на македонските политичари перфидно и сурово се користат од соседите со напади и игнорирање на македонската историја, култура и јазик.“
„Со Преспанскиот договор присилно заврши првата фаза од процесот за насилничко менување на името на нашата држава Македонија, а меѓународното право отстапи пред интересите на белосветските силници.“
Надгробниот споменик на професорката Наде Проева е уникатен уметнички перформанс и единствен од ваков тип (јужно од реката Дунав), изработен од слоевито стакло и жолт гранит и дело на светски познатиот летонски скулптор Ернест Витин од Рига, по дизајн на Павлина Проевска и Георги Гоце Дуртаноски.
Споменикот претставува стела украсена со графеми од четири писма – коине, латинско, глаголско и современо кирилично/македонско писмо како словна збирка, расфрлана по површината, истовремено давајќи го целото име на епонимниот херој Македон, почетните буквени записи на македонските кралеви од династијата Аргеади и името Наде.
Симболиката произлегува од синергијата на личнaта посветеност и истражувачка специјалност на Наде Проева одразувајќи ја широчината на нејзиниот научен опус – од антиката до модерната епоха.


Денес ѝ оддаваме признание на една жена која му го посвети животот на демистификацијата и разбирањето на минатото, уверена дека без него не можеме целосно да ја разбереме ниту сегашноста, ниту самите себе.Наде Проева беше еден од најпрепознатливите истражувачи на античката историја на Македонија со кој даде значаен придонес во проучувањето на историските корени на македонската култура и идентитет, и дека историјата за неа не беше бегство и засолниште од сегашноста. Нејзиниот научен интерес никогаш не остана затворен меѓу страниците на стручните списанија и академските конференции. Таа активно и бурно учествуваше во јавниот живот, уверена дека интелектуалецот нема само право, туку и должност да зборува кога се отвораат прашања од суштинско значење за културата, историјата и идентитетот,“ подвлече претседателката Сиљановска-Давкова.