Во големата сала од ЦК „Марко Цепенков“ за утре 16 ти јули 2026 година/четврток/ од 20.00 часот е закажана премиерата на претставата „Ловец во ‘ржта“ според роман на американскиот писател Џ. Д. Селинџер, во режија Мартин Кочовски. Претставата е поддржана од Министерството за култура и туризам и тоа е трета премиера годинава. Уште со самата најава на премиерата влезниците се распродадени, па пошироката публика ќе има можност да ја проследи на 20 ти јули.
За режисерот Мартин Кочоски екипата на Народниот театар Војдан Чернодрински е најдобрата во Македонија и исклучителен актерски ансамбл за да се реализира грандиозниот проект каков што е театарската претстава „Ловецот во ‘ржта“.
„Имам чест да работам со најдобрата екипа во Македонија. Ќе додадам дека и уникатна екипа. Ваков проект сфатив дека никаде друго место не може да се направи, дека само оваа екипа може да издржи ваков проект. Актерите толку време сме работеле низ годините и животниот пат ни е заеднички. Но овај пат сум навистина воодушевен од нив и најодговорно тврдам дека не само што е најдобрата, туку е уникатна.
Друга екипа во Македонија, можеби и пошироко најверојатно не би можела да издржи ваков проект. Истото важи и за управата на театарот. Од нивна страна има храброст и една поддршка што е незаменлива во ваква ситуација кај што се наоѓаме од околностите. Тие ти даваат волја, елан, сила да го направиш. Заради тоа стигнавме до вакво нешто – до грандиозен проект. Прилепски театар е исклучително добро место да се направи овој текст затоа што прилепски театар е една клетка во општеството што упорно пркоси на сите околности во кои се наоѓа. Значи оваа материја која ја обработуваме на вечниот конфликт на индивидуата со личноста беше идеалното место во овој театар да се направи со овие луѓе кои немаат мир, кои не се помирија толку време во ситуацијата во кога се ставени,“ рече режисерот Кочоски.
„Ловецот во ‘ржта“ е комплексна претстава која што ги доловува остапките кои индивидуата ги прави во општеството и прашањето – што останува од човекот кој е приморан да се прилагодува.
„Моето лично прашање кое ме мачеше беше што останува од нас е: откако ќе ги направиме сите компромиси, откако ќе направиме толку големи отстапки, а кога созреваме и што останува од нас? Откако ќе се подредиме на сите општествени норми кои што мораме да ги прифатиме на некој начин. И токму тука ја гледам големата моќ на оваа претстава и на ова дело, во можноста што ни ја дава да ја сфатиме позицијата на човекот во општеството кој што е растргнат меѓу неговата комплексна природа која што е составена од противречности и општеството од друга страна кое што цело време пробува да ја редуцира таа комплексност и некако да ја вкалапи. инаку во врска со работата, а во вакви услови како што спомнав сега пред малку исто и затоа јас не можам да објаснам како е да се работи во овие услови во коишто сме се нашле сега. А и да можев немаше да сакам “, рече драматургот Лидија Митоска-Ѓорѓиевска.
Во претставата настапува Теона Крстеска, студентка на Факултетот за драмски уметности чија што главна инспирација за актерската професија е токму прилепската актерска екипа и режисерот Кочоски.
„Многу ми е драго што седам моментално со оваа екипа, затоа што и желбата за да се запишам на факултет за драмски уметности ми е од нив, од истите тие луѓе и баш ми е драго што сум во процес на Мартин Кочовски. Ова беше голем залак за еден студент но, мислам дека ја совладав задачата до некаде,“ рече Крстеска.
Главната машка улога му припадна на Димитар Ѓорѓиевски кој потсети дека секој проект е предизвик, особено кога се работи со режисерот Кочовски, а особено во услови какви што ги има прилепскиот театар.
„Процесот е фрлање до крајни граници. Некогаш одиме над нашите граници, фактички откриваме некои работи што не сме свесни дека ги имаме и како потенцијал и како уметнички потенцијал, човечки и уметнички. А истото го мислам и за нашава екипа овде за Прилеп. Секој ден заедно и сме како како фамилија, ама и мислам дека и ние сме ретки дијаманти. Работевме по 12 часа на ден последниве денови и спремни бевме да работиме уште толку значи 24 часа,“ рече Ѓорѓиевски.
Сценографијата е на Филип Јовановски, костимографијата и светлото се на Јулијана Војкова, автор на музиката е Пеце Брада Трајковски (кахон), Давид Скерлевски (пијано, микрокорг), Ана Митоска (вокал, сантур), Илија Волчески (саксофон, тромбон), Димитар Ѓорѓиевски (гитара).
Во претставата играат: Наташа Ачански, Илија Волчески, Димитар Ѓорѓиевски, Теона Крстеска, Михајло Миленкоски, Ана Митоска, Јасмина Мицовска Станкоска, Марија Спирксока Илијеска, Здравко Стојмиров, Александар Тодески и Игор Трпчески.


Друга екипа во Македонија, можеби и пошироко најверојатно не би можела да издржи ваков проект. Истото важи и за управата на театарот. Од нивна страна има храброст и една поддршка што е незаменлива во ваква ситуација кај што се наоѓаме од околностите. Тие ти даваат волја, елан, сила да го направиш. Заради тоа стигнавме до вакво нешто – до грандиозен проект. Прилепски театар е исклучително добро место да се направи овој текст затоа што прилепски театар е една клетка во општеството што упорно пркоси на сите околности во кои се наоѓа. Значи оваа материја која ја обработуваме на вечниот конфликт на индивидуата со личноста беше идеалното место во овој театар да се направи со овие луѓе кои немаат мир, кои не се помирија толку време во ситуацијата во кога се ставени,“ рече режисерот Кочоски.