3.4 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

В понеделник продолжува тутунскиот откуп, протестите во мирување (ВИДЕО)

На проба е ставена откупната кампања која ќе продолжи од понеделник, а протестите за тоа време ќе бидат ставени во мирување. Тутунарите бараат реална проценка, минимална откупна цена од 200 денари колку што според нив се производните трошоци, намалување на одбитоците кои досега беа над 10 % при проценката на вага и да биде преземено целокупното производство.  Тутунарите добија ветување од откупувачите дека линијата на проценка ќе се движи како минатогодишниот откуп.

Ова е заклучокот од денешната средба меѓу Иницијативниот одбор на групата Македонски тутунари, Сојузот на земјоделски здруженија, откупните компании, Државниот инспекторат за земјоделство, со посредство на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Скопје, во конгресната сала на Спортскиот центар „Борис Трајковски“.

 “До петок нема да протестираме. Ние ќе излеземе на терен, ќе добиеме овластување да го следиме целиот процес и секаде онаму каде што ќе има проблем веднаш ќе реагираме. Ако има подобрување нема да има протести, меѓутоа ако нема подобрување револтот е огромен, уште поголеми проблеми ќе има. Ние знаеме дека ако ја пуштат линијата како што треба таа цена ќе се достигне бидејќи си го знаеме ние квалитетот. Тие нè манипулираат дека е лош квалитетот. Не е точно дека е лош квалитетот”, рече Игор Мирчески од Иницијативниот одбор на тутунопроизводителите.

Од Сојузот на земјоделски здруженија потврдуваат дека поактивно ќе се вклучат во откупот и апелираа незадоволните тутунари, производството да го оставаат за второстепена проценка.

„Секоја кутија која нема да биде реално проценета, да биде тргната настрана. Доколку проценителот не се согласува со проценката, да биде доставена до Второстепена комисија. Доколку одбитокот е поголем од 5% и таа кутија да се тргне и веднаш да нè известат нас и Инспекторатот, за да провериме зошто толку е одбиено“, рече Менде Стомнаровски, Сојуз на тутунските здруженија.

Ресорниот министер Арјанит Хоџа апелира да се почитуваат заклучоците од состанокот и откупот да продолжи, в петок во Прилеп ќе има повторно работен состанок за проверка дали се’ тече според договореното.  

„Донесовме заеднички заклучок, од понеделник да продолжи откупот, поверениците да се вратат на вагите, вреднувањето на тутунот да биде како што треба, по Правилникот, а протестите привремено нема да се одвиваат. Следниот петок ќе има дополнителен состанок во ист состав за да се види дали има подобрување во откупот. Врз основа на тие заклучоци, ќе одлучиме како ќе се одвиваат работите понатаму. Тутунарите бараат да се цени нивниот труд, односно тутунот според Правилникот објавен од МЗШВ. Годинава многу малку е откупен родот поради протетсите и нзадоволството на производителите. Ако лани до сега беа откупени 40 отсто, сега се преземени само 1,6 проценти и тоа е загрижувачки. Сепак, има позитивни сигнали, особено што од состанокот претставниците на Одборот на тутунари излегоа задоволни, а и штом се прекинуваат привремено протестите можеме да кажеме дека имаме првичен договор”, изјави Хоџа.

Во два наврати групата Македонски тутунари одржаа протести во Прилеп и во другите региони каде се произведува тутун, со цел да го искаже револтот  од ниската линија на проценка.

Од 16 ти ноември од кога започна предвремениот откуп на тутунот предаден е незначителен процент од произведеното, и тоа околу 1, 5 % од планираните 23 милиони килограми тутун.

Би можело да ве интересира

Ќе се спроведува трета фаза за уништување ларвени форми на комарци во прилепско

Пела Редакција

Во Средните стручни прилепски училишта 85% од учениците сакаат да ја следат наставата со физичко присуство

Елизабета Филипоска

Министерот Николовски во посета на Општина Прилеп

Гордана Цветаноска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе