16.4 C
Прилеп
среда, 17 јуни, 2026
Пела Радио

Прилепска промоција на „Дождови во мај“ на Даница И. Лепојевиќ

Промоцијата на „Дождови во мај“ од македонската поетеса Даница И. Лепојевиќ  ќе се одржи во сабота, во 18 часот, во кафе-барот Тротоар. Освен авторката, од книгата ќе читаат поетесата Габриела Стојаноска-Станоеска и актерот и поет Игор Трпчески. Промотор на делото е Звонко Димоски.

„Дождови во мај“ на Даница И. Лепојевиќ е длабоко-интимно четиво, четиво без задршка… На раб на лирика и еротика… Директно и отворено, целосно ранливо и сосема храбро женско писмо… Интерактивно четиво кое инстантно му се обраќа на читателот… Нешто меѓу книга поезија и таен дневник, зачинети со Инстаграм-содржина… Односно сè заедно.

Тоа е дело составено од поезија и дневнички записи во печатен формат и аудиовидео материјал поставен на Инстаграм-страница до која се стигнува со QR-кодови распоредени низ страниците на самата книга. Ова е прво дело со ваква структура и содржина во нашата земја, како и со ваква презентација пред читателот. Со необичниот и холистички пристап кон внатрешниот свет и творечкиот процес на авторката, таа ги поканува читателите директно и длабоко во нејзиниот интимен „дом“, нудејќи ги сите медиуми на негово искусување – зборот и чувството, цртежот, фотографијата и видеото, звукот и наративот.

Даница И. Лепојевиќ е македонска поетеса со четири издадени книги – освен „Дождови во мај – сублимирани емоции со две лажички мед“ зад неа се и поетските збирки „Сјај и страв и песни“ во 2016 г. и „Пребивалишта“ во 2019 г., како и една збирка микро и кратки раскази „Една ноќ друга – исечоци катадневна магија“ издадена во 2024 г. Даница има многу страни. По вокација е Трансформационен ментор за личен и духовен развој и Холистички ментор за раѓање и мајчинство. По едукација е психолог, наставник по јога, дула и советничка за доење. За себе смета дека по душа е поетеса на магијата во секојдневното, по дух – еклектичен номад во постојана потрага по знаење и по ум – археолог на човековото постоење.

Но по срце… по срце таа вели дека е лакримариум на бескрајната, безусловната и бескомпромисната Љубов што Универзумот ја има за секој од нас… или барем дека постојано се стреми тоа да стане.

Би можело да ве интересира

Мајкл Дамески, танчерот кој го освојува светот

Изложба “Детски цртежи“ од Ателје Артика

Од утре задолжително носење на зимска опрема

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе