За жителите на Крушево важно известување од Центарот за јавно здравје – Прилеп: водата од градскиот водовод во моментов не е безбедна за пиење, откако при редовната контрола на квалитетот било утврдено отсуство на резидуален хлор и присуство на бактерии од цревно потекло.
Од ЦЈЗ – Прилеп информираат дека за состојбата веднаш биле известени надлежните државни институции, како и раководството на Јавното комунално претпријатие „Комуна“ – Крушево кое што на својата ФБ страна објави за состојбата во соопштение:
Поради утврдената бактериолошка неисправност, граѓаните се советуваат за пиење да користат исклучиво флаширана вода. Водата од градскиот водовод може да се користи за лична хигиена, подготовка на храна и миење садови, но само по претходно превривање во траење од најмалку 10 минути.
Препораки ќе останат во сила сè додека не бидат добиени три последователни исправни примероци од водата.
Дополнително, испитувањата извршени на 20 јули 2026 година покажале бактериолошка неисправност и кај крајпатните чешми „Бензинска пумпа“ и „Св. Петка“, поради што и тие не треба да се користат за пиење.

