И да си најголем фанатик ќе сакаш што побрзо да заборавиш една ваква фудбалска неправда за најфудбалскиот град. И, да си неук за фудбал или пак за тоа колку значи „бубамарата“ за едно човечко битие, ќе сакаш да помислиш дека ова што измина за прилепскиот фудбал е само некоја не вкусна шега. Но, не е баш така !
Појдоа по вода сите црвено бели амбиции пред стартот на сезоната, и желбите брендот на градот но и на земјава, Победа конечно да се стабилизира во највисок ранг. Но, фортуната сакаше се’ да биде во обратен правец. Нестабилна управа, лошо управување, (по)грешно менаџирање, уште полоша организација и што е најтешко историски резултати кои го допреа „дното” за фудбалскиот бренд на Прилеп.
Да не се залажуваме со простата реченица, КОЈ Е ВИНОВЕН ЗА СЕТО ТОА?!
Секој одговор се знае, секој виновник е познат и е на тапет, а сепак СЕ’ помина и замина како да станува збор за некој клуб кој, ете туку – така, се нашол во втората лига.
Не е хумано, ниту спортски, во безизлезна ситуација да го ставате младинскиот погон да „изгори“ во желбата да се натпреварува, за подоцна, истите тие таленти, да го загубат победничкиот менталитет, дух, односно да не знаат во кој правец ќе се движат кога веќе знаат дека играле и губеле со по осум или десет разлика.
Но, капа долу, секоја чест за голобрадите момчиња кои само покажаа како треба да се сака својот клуб, одделувајќи време како вистински професионалци за да истрчаат на теренот, да го претстават клубот, да се изборат да не згасне. Но, ако има спортска психологија, треба да се знае дека истите тие треба да бидат и носители на НОВИОТ ФОРМАТ, за пак да не паѓаат по терен и да не се нервираат кога се полне мрежата.
Кој знае, можеби се ближат деновите кога новата фудбалска светлина, како што се најавува, да го преброди сево ова и да донесе свежа фудбалска крв и свежи спортски,искрени идеи за Победа. Во спротивно се’ ќе остане на муабетот „со Победа одамна е се завршено!“.
Ако може штипската публика со аплауз да ги испрати, зошто да не можат „мајмуните” да се порадуваат на успеси, а не само да постираат стари фотографии од некогаш на фејсбук и да го величаат името на Победа. Жалосно е најверната прилепска публика да не може во недела да си го направи ќефот и со гордост да гледа фудбал и со епитети и емпатија да зборува за својот реномиран клуб.
Денес дојде работата со овој клуб, кој што со децении се градел и бил поим за фудбалска елита, се исмеваат резултатски- клубови кои и никогаш не доживеале десетилјадна публика на тренинг, кои немале бразилска еуфорија во своите редови и што е најважно го немале реномето на Победа. Некој заборавил или не сака да си признае, во балкански рамки, а можеби и пошироко, дека државава на спортски план, односно фудбалски, е позната по неколку ретки фудбалски брендови , меѓу кои и прилепскиот. Едно е да си ПОБЕДА, а друго е да си клуб кој трае две до три сезони и е само нечиј бизнис.
Дека поминуваат годините без Победа во фокус, поминуваат – тоа е факт, но дека е крајно време да запре сивилото кое штотуку дојде, тоа мора да неминовно. Мора да се промени односот кон името Победа за да се отстранат натежнатите нечесни облаци над фудбалскиот храм во градов, надвиснале нефер чувства кон клубот кој наежува со самото споменување на неговото име. А, навивачката еуфорија, страста и магнетот на прилепчани кон црвено белата армија сеуште е ист – ИСТ ГРАД , ИСТ НАРОД , ИСТ ФУДБАЛСКИ МЕНТАЛИТЕТ.
Нема зборови со кои може да се опише незадоволството од многумина за перцепцијата да се стави Победа на маргините .
Но, барем има време да се стави крај на ова невреме, бидејќи навистина, доста е фудбалско сивило за Прилеп !
Пишува: Николче Димески

