Пролетта донесе многу дождови и големи температурни разлики, што предизвикува проблеми кај тутунот, пиперката и другите градинарски култури. Се очекува сушен период кој може да ја стегне почвата и да го спречи развојот на коренот, што доведува до жолтеење на листовите и намален раст. Високата влажност и наглите температурни промени активираат габични заболувања. Навремената терапија е клучна за заштита на културите. Во еден третман може да се комбинираат препарати за имунитет, инсектициди и подобрување на почвата, со примена преку систем „капка по капка“. Најчест штетник кој се појавува на променливото време е трипса: Овој инсект најчесто ја напаѓа пиперката, предизвикува деформации и слаб принос. Се јавува во повеќе генерации и бара редовно третирање на секои 7–10 дена со комбинација на препарати.
Во серијалот на Радио Пела, агрономот Ели Ристеска од земјоделската аптека „Фиталија“ зборува за актуелните проблеми со кои се соочуваат земјоделците во пролетниот период и за мерките што треба навреме да се преземат.
„Ако трипсата не се сузбие навреме, таа се шири како епидемија и го уништува целиот труд на земјоделецот,“ вели Ристеска со препораки како да се сузбива овој проблем.
Како кај човекот со витамини и пробиотици, така и кај растенијата со минерали и биостимуланси потребна е заштита. Калциумот е клучен за нормализирање на pH вредноста на почвата. Употреба на биостимуланси како морски алги, аминокиселини, живи микроорганизми и зеолит се препорачуваат за подобар развој и отпорност на културите.
Ристеска нагласува дека навремената превенција, правилна комбинација на препарати и зајакнување на имунитетот на културите се единствениот начин земјоделците да обезбедат стабилен и квалитетен принос, и покрај променливите климатски услови.

