Електричните тротинети, кои во изминатите години станаа најбрза градска мобилност, добиваат законака регилација за користење.
Предлогот доаѓа во момент кога јавноста сè почесто реагира на хаотичното движење на електричните тротинети по улиците, велосипедските патеки и пешачките зони. Но, и по статистичките податоци кои укажуваат дека ова повеќе не е само прашање на урбана навика, туку сериозен безбедносен проблем.
Според статистиката бројки, во периодот од 2024 година до мај 2026 година биле регистрирани илјадници сообраќајни незгоди во кои биле инволвирани 2352 возачи на лесни возила, додека трагичниот биланс покажува дека животот го загубиле 46 лица, а 585 граѓани се здобиле со тешки телесни повреди.
Клучната промена во предложените законски измени е јасното ограничување на возраста. Управувањето електричен тротинет ќе им биде дозволено само на лица над 18 години, додека малолетниците целосно ќе бидат исклучени од оваа категорија учесници во сообраќајот. Дополнително, максималната дозволена брзина се намалува на 20 километри на час, што според предлагачите е усогласување со построги европски препораки и обид да се намали ризикот од тешки последици при судир, пад или неконтролирано движење низ густ градски сообраќај.

Освен ограничувањето на возраста и брзината, предлог-законот носи и значително построга казнена политика. Паричните глоби повеќе нема да бидат единствената мерка против несовесното користење на електричните тротинети. Во одредени случаи ќе биде предвидено привремено одземање на возилото во траење од 30 дена, а таквата санкција ќе се применува при управување од страна на малолетници, при пречекорување на дозволената брзина, при возење под дејство на алкохол, како и при превезување сопатници на тротинет.
Со ова, институциите испраќаат порака дека електричниот тротинет повеќе нема да се третира како безопасно средство за забава или краток превоз, туку како учесник во сообраќајот кој мора да биде подложен на јасни правила, контрола и одговорност.
Доколку измените бидат усвоени, најголемиот предизвик нема да биде само нивното запишување во закон, туку нивната доследна примена на терен, затоа што без контрола и без реални санкции, секоја добра регулација ризикува да остане само уште еден документ без вистински ефект врз безбедноста на улиците.

