По низата работни акции за урбано средување на делови од градот, чистење и уредување на игралишта и јавен простор, познати по иницијативата „Џабе работи, џабе не седи“ групата млади прилепчани „Мој Прилеп“ најавуваат дека при крај e изработката на веб страна на која може да се пријавуваат проблеми и да се иницираат акции за поубав Прилеп, но и да се следи градскиот превоз во реално време.

Како што најавуваат на социјалните мрежи, во соработка со ЈП за ПУП веб порталот со мали доработки ќе може да го следи движењето на градскиот превоз кој што е во финална фаза. Прилепчани ќе може да се зачленат на порталот, да донираат, да бидат партнери, да ја разгледаат и да дадат свои забелешки, сугестии, идеи и да споделат приказни на www.mojprilep.mk
„Мојот Град – Прилеп“ е граѓанска иницијатива составена од луѓе кои едноставно си го сакаат градот. Не сме политичари, немаме скриени агенди – ние сме ваши комшии, пријатели и сограѓани. Сакаме Прилеп да биде модерно, чисто и топ место за живеење за сите нас.Целта е да го направиме нашето место уште подобро за живеење“ велат тие и најавуваат уште многу интересни и корисни новини за својот град, за Прилеп!







