Вечерва на бензинските станица во Прилеп возачите чекаат во долги редици за точење гориво.
Акцизите се намалија, но горивата значајно поскапуваат: дизелот за шест денари, бензините за три денари за литар.
Од вечерва на полноќ (21 јули) ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе чини 90 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава по 92 денари за литар. Поскапува и екстра лесното масло за домаќинство, чија цена се зголемува за седум денари и ќе изнесува 93 денари за литар.
Владата денеска донесе одлука за намалување на акцизите за нафтените деривати, но и покрај тоа, цената на дизелот и на бензинот од полноќ значајно ќе поскапат – дизелот за дури шест денари за литар, а бензините за три денари за литар. Ова е второ последователно зголемување на дериватите, откако минатиот понеделник, РКЕ ги зголеми цените за 5,50 денари за дизелот и 1,50 денари за суперот. Од Владата велат дека доколку не ги намалеле акцизите, поскапувањето би било уште поголемо.

