20.3 C
Прилеп
петок, 17 јули, 2026
Пела Радио

Бродвејски израз, прилепска емоција и приказна што боли

Елизабета Филипоска /новинар/

Премиерата на „Ловецот во ‘ржта“ не беше претстава што лесно се гледа, ниту претстава од која излегувате насмеани и растоварени.

Напротив! Од првиот момент беше јасно дека прилепскиот ансамбл, под режисерската палка на Мартин Кочовски, не избрал сигурен пат, туку се впуштил во театарски предизвик кој го спојува музиклот со класичниот драмски израз, оставајќи ја публиката постојано да се прашува каде завршува сцената, а каде почнува реалноста. Како да гледате претстава на Бродвеј, чуднодвојана комбинација, музикл и класична треатарка претстава, со емотивно доживување.

Но, како гледач, признавам дека на моменти ми пречеше гласната музика. Пеењето и музичките делови, веројатно и поради акустиката на просторот, честопати ги потиснуваа зборовите. Сакав да слушнам повеќе од музикл – текстот, повеќе од мислата на ликовите, а наместо тоа понекогаш останував да ги погодувам репликите и само збор-два да разберам од говорниот музички дел. Тоа, за мене, беше најголемата слабост на вечерта.

Но, колку повеќе размислувам по завршувањето на претставата, толку повеќе сфаќам дека не ја паметам преставата по музиката, туку по чувството што ми го остави.

„Ловецот во ‘ржта“ не ми понуди утеха. Ми понуди огледало.

Во него ги видов луѓето околу мене, но и секој од нас. Осаменоста, разочарувањата, лицемерието, потрагата по искреност, судирот со светот кој честопати бара да бидеш нешто што не си. Сето тоа беше присутно на сцената без обид да се разубави стварноста.

По аплаузот, кој беше долг и искрен, не излегов со чувство на воодушевување, туку со некакво тивко незадоволство. Не од претставата, туку од општеството што таа толку прецизно го преслика. Театарот отсекогаш бил место каде се отвораат непријатните прашања, а не место каде секогаш се нудат одговори. Во таа смисла, оваа претстава ја исполни својата задача.

Актерската енергија беше неспорна. Целиот ансамбл одигра со посветеност и интензитет што ретко се гледа. Видлива беше желбата да се поместат границите на класичната театарска форма и да се создаде современ сценски израз кој ќе ја ангажира публиката не само емоционално, туку и интелектуално.

Можеби не се согласив со секое режисерско решение, но не е ни важно моето мислење во тој дел, нели?!  Можеби би посакала повеќе јасност во говорниот дел и поголема рамнотежа меѓу музиката и драмскиот текст. Но, добриот театар не е оној што сите ќе го доживеат исто. Добриот театар е оној што ќе ве натера уште долго по спуштањето на завесата да размислувате за она што сте го виделе.

И токму затоа, „Ловецот во ‘ржта“ заслужува да се гледа. Не затоа што е лесен за следење, туку затоа што е храбар. Затоа што не бега од темите што не’ болат. И затоа што, како и секоја добра театарска претстава, не не’ остава рамнодушни.

Би можело да ве интересира

Во тек подготовките на ФК Победа со 4 засилувања

В среда во Прилеп -„Талкање низ емоциите и државите“

Изложба и промоција на книга „FLOW“ од прилепската уметница Александра Ацеска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе