Работилницата ја водеше режисерот и едукатор Милош Б Андоновски, а наменета е за наставници и ученици од прилепските основни училишта „Кочо Рацин“ и „Св. Климент Охридски“ и средните училишта „Мирче Ацев“ и „Ѓорче Петров“. Работилниците ќе се одвиваат во репетиционата сала на Народниот театар „Војдан Чернодрински“, а фокусот ќе биде врз истражување и проучување на театарската уметност и неговите сфери: актерството, драмското пишување, сценографијата, костимографијата, критиката. Следниот месец, учесниците ќе се собираат еднаш неделно во просториите на театарот “Војдан Чернодрински” и ќе го истражуваат актерството преку правење етиди, вежби и игри со задачи со актери од прилепскиот ансамбл.-Овој концепт и воведувањето на едукативната програма, не само што го прават фестивалот поотворен од кога било, туку нудат и ретка можност за меѓугенерациско учење: наставници, ученици и актери на различна возраст заедно да работат и да учат едни од други. Целта на оваа
едукативна програма во рамките на МТФ „Чернодрински“ е само првиот чекор кон она што сите нѐ чека по завршувањето на фестивалот – генерирањето нова публика и нови очи, коишто повторно и повторно ќе му се враќаат на гледањето театар – вели режисерот Андоновски.
Месечните работилници ќе бидат тематски одредени и поврзани со драмата „Вејка на ветрот“ од Коле Чашуле, којшто, воедно, е и автор во фокус на 57. издание на фестивалот. Директорката на фестивалот, Ана Стојаноска посочува дека секоја година ќе ротираат по две средни и две основни училишта. До почетокот на февруари, ќе има и презентација на сработеното.










