Македонските јуниори прикажаа одлична борбеност и остварија неколку забележителни победи на Европското првенство во Подчетртек. Македонскиот тим направи одличен спој и успеа да стигне меѓу најдобрите 8 селекции во Европа. Најсвежиот и најголем успех на македонскиот тим е пласманот во четвртфиналето во тимска конкуренција (U19)
Во осминафинале Македонија ја победи Босна и Херцеговина со 2:1 во партии. Во овој дуел, македонскиот најдобар млад билијар играч, Андреј Ѓурчиновски доминираше и го совлада Ернес Рамиќ со убедливи 7:3
Во четвртфинале македонските момци беа запрени од силната репрезентација на Германија (која победи со 2:0). Марко Митанов изгуби од Мартин Розер (0:7), а Илија Димовски претрпе пораз од Фабрицио Инграси (2:8). Мечот на Ѓурчиновски против Валентин Шмиц беше прекинат при водство од 4:3, бидејќи Германија веќе ги обезбеди потребните две победи за полуфинале.
Во поединечни дисциплини, Андреј Ѓурчиновски (U19) актуелен сениорски првак покажа зошто важи за европска надеж. Најзабележителен настап за него е во дисциплината „Десетка“ (10-Ball), каде успеа да врзе неколку победи и да се пробие во главната фаза. Меѓу другото, во тимскиот дел и во сингл мечевите покажа константна форма и висок процент на освоени партии, вели стручниот тим. Илија Димовски (U19) оствари одлична победа во дисциплината „Деветка“ (9-Ball) каде во напнат и тактички меч го совлада Ахмет-Ефекан Карааслан со резултат 8:4. А, во дисциплината „Осумка“ (8-Ball) беше поразен од Сандер Там со тесни 4:7.
Прилепското момче Марко Митанов кој настапи за U17 во помладата категорија, како најмлад учесник на натпреварот со само 11 години , „покажа заби“ во дисциплината 14.1 Straight Pool, каде во тесна битка изгуби од Французинот Лука Бурно со 32:75 (во оваа дисциплина,познавачите на билијар велат се игра до 75 поени). Во дисциплината „Осумка“ доживеа пораз во првото коло од Ксавери Марцинковски со 3:6.
Македонскиот билијард со ова првенство докажа дека има светла иднина и одлични млади билијард играчи, носејќи се рамноправно со велесилите како што е Германија.
Европското првенство во билијард за млади, се одржа 13 до 21 јули во Подчетртек, Словенија. Ова е историско 45-то издание на шампионатот, организирано од Европската билијард федерација (ЕРBF) на кое учествува рекорден број од 178 млади спортисти од цела Европа.

