По страотното невреме кое попладнево остави пустош низ Скопје и во други градови во Македонија, метеоролозите предупредуваат дека кон Македонија се движи нов нестабилен фронт. УХМР издаде предупредување за нови поројни дождови и грмежи, како и за опасност од град.
Невремето, кое помина преку Црна Гора во текот на денот, доцна попладнево ги зафаќа Албанија и Косово и се движи кон нашата земја. Овој пат, не се прогнозира силен ветер, туку главнат опасност доаѓа од можните силни врнежи, велат синоптичарите.
Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) апелираат граѓаните да бидат особено внимателни, да избегнуваат престој на отворено за време на невремето, да не се засолнуваат под осамени дрвја, да ги заштитат возилата доколку е можно и да ги следат известувањата од надлежните институции.
Институциите ги повикуваат граѓаните да не ги блокираат одводните канали и сливници, да ги отстранат предметите од тераси и дворови кои може да бидат однесени од невремето и да пријавуваат опасни ситуации на бројот 112.

