Општина Прилеп ја информира јавноста дека пожарот кој денеска беше регистриран во месноста Заград-Варош е локализиран, благодарение на брзата, навремена и професионална интервенција на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Прилеп.
Со навремено дејствување е изграден заштитен појас, со што во моментов нема опасност пожарот да се приближи кон манастирот „Трескавец“. На терен и понатаму остануваат дежурни екипи на ТППЕ Прилеп, како и членови на Универзалната единица за заштита и спасување од јавните претпријатија, сертифицирани за справување со пожари. Сите активности се одвиваат во координација со Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Општинскиот штаб за заштита и спасување. Апелираме до жителите и до сите сопственици на имоти, објекти и викенд-куќи во овој дел на општина Прилеп да бидат особено претпазливи, редовно да ја следат состојбата на своите имоти и да постапуваат согласно препораките на надлежните институции, особено доколку дојде до повторно активирање или проширување на пожарот. Општина Прилеп останува во постојана комуникација со сите надлежни служби и навремено ќе ја информира јавноста за сите понатамошни случувања. Состојбата во моментов е под контрола, а дежурните екипи остануваат на терен и будно ја следат состојбата,“ стои во известувањето од Општина Прилеп.


