16.6 C
Прилеп
петок, 24 јули, 2026
Пела Радио

(ВИДЕО) Марија, ќерката на Ченто: потребна е слога и обединување на Македонците!

При денешното одбележување на 69 годишнината од смртта на Методија Андонов Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Марија Јакимоска, неговата ќерка, упати порака дека е моментот за обединување на Македонците. Таа потсети на идеалот на нејзиниот татко и на сите Македонци кои го положиле својот живот за самостојна и независна Македонија.
„Мислам дека мојот татко не би бил задоволен од развивањето на Македонија и мислам дека најмногу би му сметало што сме толку поделени Македонците. Тоа е една од болките што би ја имал, бидејќи негова желба, негова животна желба била да се обедини Македонија, во самостојна, да биде независна држава и нормално сите Македонци да бидат обединети за Македонија. Да се обединиме ако сакаме да имаме држава за да не ја изгубиме. Постои опасност со вакви неадекватни однесувања да си ја изгубиме државата.
Некој трга на една страна, некој на друга страна. Не можам да сфатам како може Македонци да изјавуваат: Читав, читав, па станав Бугарин! Мислам немам ништо против. Ниедна националност не ја занемарувам. Секој си има право на својата националност, ама јас сакам достоинствено да си ја сочуваме својата националност за која што се водени крвави борби. Многу наши видни луѓе се загинати. Мислам дека тоа е потребно да го направиме, ако можеме, ако не можеме – жалам. Јас сум го поминала мојот животен пат, ама имам по себе наследници, а имам и младина која што треба да остане во оваа земја, треба да живее во оваа земја, не да заминува од неа,“ посочи Јакимоска.
Заедничката цел на вистинските Македонци е просперитетна Македонија, вели Јакимоска, но за нејзино остварување потребно е сега и денес да се делува пред се’ за добро на државата, а не за лични интереси, раководејќи се според делото на нејзиниот татко.
„ Мислам тоа е основна цел на секого. Сметам дека секој Македонец тоа му е жалба, на тој што е вистински Македонец. Не оние што можат да се продадат за пари. Јас не можам да сфатам, затоа што мојот татко, ние останавме без никакви приходи кога отиде тој во затвор – затоа што тој давал, а не земал! Својата положба тој не ја користел за лична корист, ја користел за добро на државата,“ додава Марија Јакимоска, ќерката на Методија Андонов Ченто на новинарско прашање како ги оценува актуелните состојби во Македонија од позиција на идеалите на нејзиниот татко.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО)Овчарството ќе згасне ако државата сериозно не се справи со проблемите на сточарите

Во Прилеп не е проблем, а се’ е проблем (51)

Пела Редакција

Грмотевици повторно – да не се престојува на отворен простор и под дрвја

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе