Општина Прилеп уверува дека водата за пиење е целосно здравствено исправна и безбедна за граѓаните. Сите направени анализи покажуваат дека квалитетот ги задоволува националните стандарди, а шпекулациите за спротивното се неосновани. Надлежните институции апелираат до јавноста да има доверба во официјалните резултати и да не се потпира на непроверени информации.
Директорот на ЈКП “Водовод и канализација – Прилеп“, Ѓоко Јочкоски истакна на прес конференција дека жителите на Прилеп кои користат вода за пиење од регионалниот водоснабдителен систем “Студенчица“ или од градските извори пијат безбедна вода од градскиот водовод.
„Резултатите од извршените физичко-хемиски анализи покажуваат исправност на сите испитани примероци на вода за пиење од градскиот водовод и сите параметри се во согласност со правилникот за безбедност и квалитет на водата за пиење, со што може да се каже дека граѓаните на град Прилеп пијат безбедна вода од градскиот водовод“ и апелираше до граѓаните да не се информираат преку социјални медиуми за безбедноста на водата за пиење, туку преку релеватните медиуми и соодветните институции што се грижат за одржување на јавно здравје на населението
.

Тој укажа дека водоснабдувањето во Прилеп е задоволително и нема опасност од недостиг на вода. Од Студенчица пристигнуваат потребните 260 литри вода во секунда, а останатиот дел се надополнува од градските извори.
Од ЦЈЗ – Прилеп велат дека секојдневно се замаат примероци на вода за пиење од 15 мерни места низ градот, „како би имале контрола на целиот град, и во тек на еден месец од прилика имаме анализа од 60 до 70 примероци на вода за пиење,“ вели раководителот на службата за хигиена во Центарот за јавно здравје – Прилеп, д-р Петар Оханесијан.
„Ова сакам посебно да го нагласам, бидејќи во последните денови слушаме секакви информации, дезинформации, коментари дека „во Прилеп водата не се испитува“. Со потполна морална и стручна одговорност и со моето 30 годишно искуство во оваа област и како надлежен раководител на службата за хигиена во Центарот за јавно здравје за Прилеп, Крушево и Македонски Брод и некаде уште за околу 100 тина илјади жители, кои се во нашиот регион, дека водата во Прилеп е една од најконтролираните води во Република Македонија по обем на анализирање на примероци од 700 до 800 примероци во текот на годината. Јас мислам дека половина Република Македонија да ги собере, нема да има толкав обем на анализирани премероци од градските водоводи,“вели тој

Водата, велат од ЦЈЗ Прилеп, се испитува и во санитарно микробиолошка лабораторија и во физичко-хемиска санитарна лабораторија .
“Затоа уште еднаш апелирам до сите кои не ја познаваат нашата дејност и работата на јавното водостопанско претпријатие да не даваат непотребни информации и ги повикувам слободно да ни се обратат, бидејќи нашите инфорамции се од јавен карактер и се достапни за сите,“ вели д-р Оханесијан.
Инаку, Центарот за јавно здравје Прилеп, како јавна здравствена установа од областа на превентивната здравствена заштита, со својата надлежност опфаќа поголема територија во која се вклучени неколку општини: Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Долнени, Кривогаштани и Пласница, па во текот на целата година, оваа институција има обврска да ја следи состојбата со квалитетот и безбедноста на водата за пиење во сите овие општини.

