ПЕЛА YU хитови

ПЕЛА МАК забавно

PELA CAFE

ПЕЛА МАК народно

ПЕЛА YU фолк

CSS Template

Балонот наречен сиромаштија

262

– Затоа што немаат луѓето леб да си купат, вадат од контејнерите. По фурните чекаат луѓето за леб вратен од 20 денари, Билјана Шеќероска, пензионерка.

– Молиме за парче леб. Сега нема средна класа, сега има робови и робовладетели. Ние 280 илјади пензионери кои сме на маргините на сиромаштијата и таа средна класа која беше на времето, ја нема повеќе, Милан Пирганоски, пензионер.
– Бараме да си купиме лекови, парче леб, за хигиенски потреби и ред други работи кои што му се потребни на секој човек. Во Прилеп и регионот со Кривогаштани и Долнени има околу 11 илјади пензионери кои што се со минимални примања до 14 илјади денари, Вера Стојческа, пензионерка.
– Цел живот сум на нивите, немам работен стаж, боледување, одмор, живеам со семејството на синот. Работиме земјоделие, од тоа опстанувам, земам социјална пензија од 9 илјади денари. Кажете ми како може да се живее со тие пари? Само за дрва зимава ни се потребни 600 евра, вели 68 годишна жена од прилепско Мало Коњари.

Не е ново ако се каже дека Македонија е во константна транзиција и криза од независноста 1991. Не е ново и дека разните премрежја, воениот конфликт 2001, надворешните фактори и влијанија од соседството и регионот, Ковид
пандемијата и војната во Украина во земјава се зголемува бројот на граѓани во ранливите категории. Но, особено последниве неколку години состојба се влошува. Балонот од сиромаштија расте. Ефектите од него најмногу ги
чувствуваат самохраните родители, домаќинствата со ниски приходи и многудетните семејства, на кои им е сè потешко да се справат со растечките цени.

Според анализата на ЛАГ Агро Лидер во 2022 година, дури за 54% е зголемен бројот на граѓани – корисници на гарантирана минимална помош. Ако 76 000 граѓани добивале социјална помош во 2019 година – во 2021 година, поради енергетската криза и кризата со храна, тој број се искачил на 117 000 индивидуални лица. Податоците од Министерството за труд и социјална политика во Македонија говорат дека има 35 000 корисници на парична помош од државата, тоа се домаќинства, а не индивидуални лица, што значи дека бројот на лица на кои им е потребна помош е неколку кратно поголем.

Кога балонот почна да расте – инфлацијата збивта со највисока стапка во последните 40 години!

По Ковид пандемијата, во месец март 2020, започнувањето на војната во Украина, во месец февруари 2022 година, дополнително ја зголемија веќе постоечката енергетската криза и предизвикаа достигнување на рекордна
инфлацијата од 19,8 % во месец октомври 2022 година за последните 25 години.
Најголем ефект врз зголемувањето на инфлацијата имаше растот на цените на основните прехранбени производи ивисоките цени на електричната енергија. Од енергетската криза и инфлацијата не се погодени само најранливите категории граѓани, туку и средната класа граѓани, со што дополнително се зголемува степенот на енергетска сиромаштија. Алармот го вклучи сознанието дека до крајот на 2023 година се предвидува вкупниот број на граѓани кои живеат во умерена сиромаштија (со 200 денари дневно) да достигне 510.000. Пред кризата оваа бројка изнесуваше приближно 360.000 луѓе.

Хуманитарните организации се вклучуваат да помогнат со донации во храна. Црвениот крст е на првата борбена линија!

Сè поголем број поединци бараат помош со основните работи како што се храна, лекови и греење на дрва. Како што се приближува зимата, многу семејства се подготвуваат за предизвиците што претстојат, а голем број од нив
ќе останат без огрев.

– Побарувачката од хуманитарни пакети во храна, хигиенски средства и облека се зголемува. Особено по завршувањето на Ковид кризата, минатата година во неколку наврати Црвен крст Прилеп додели 1300 пакети во храна и околу 2 000 пакети во хигиенски средства. Ако редовно 100 тина семејства во Прилеп добиваа вакви хуманитарни пакети, тој број од втората половина на минатата година е поголем, така што денес доаѓаат лица со ниски пензии кои не остваруваат право на социјална помош, многудетни семејства, самохрани семејства, посочуваат од Црвен крст Прилеп додавајќи дека нивниот капацитет за опслужување е мал во споредба со барањата.

Над три четвртини од зголемувањето на инфлацијата се должи на немилосрдниот пораст на цените на енергенсите, што претставува најголем товар на рамениците на најсиромашните домаќинства. Домаќинства со
најниски примања и ранливите категории на граѓани имаат пад на нивниот приход. А домашните приходи се намалуваат секој ден, бидејќи инфлацијата расте со највисока стапка во последните 40 години.

– Земам 14 илјади денари пензија. Сопругата е со оштетен вид, пензијата не стигнува за лековите, а камо ли за храна, за струја… Ние за 100 денари можевме да земеме 5 леба, а сега за 100 денари земаме 3 леба! Бензинот беше 40 денари сега е 90, маслото, сите животни трошоци се покачија, само пензиите и тоа оние малите останаа исти, вели еден прилепски пензионер учесник на протестите кои траат 3 месеци со барање за линеарно зголемување на пензиите

Масло на инфлаторниот оган е цената на електричната енергија за домаќинствата која се зголеми во просек за 14,8% во 2022 година, а во месец јануари 2023 година дополнително за 3,7%. Тешко е да се дојде до точната бројка на граѓани погодени од енергетската сиромаштија и високата инфлација бидејќи не постои база на податоци, но процентуалниот опфат е околу 30% од населението. Тука не влегуваат само примателите на социјална помош, туку и средната класа, покажуваат податоците на истражувањата на ЛАГ Агро Лидер.

Државата крои мерки…

За поддршка на домаќинствата во 2022 година Владата одвои 80 милиони евра или 12.6% од планираниот буџет. За справување со енергетската криза можат да се издвојат директните субвенции за енергетска сиромаштија доделени на корисници на ГМП и приматели на социјална пензија. За олеснување на кризата со растечките цени на храната, во 2022 година најранливите категории граѓани добиваа субвенцииза набавка на основни прехранбени производи, како и субвенции за пензионерите и приматели на пониска пензија.

Oд почетокот на енергетската криза и порастот на цените донесени се над 30 мерки со вредност од над 600 милиони евра за заштита на домаќинствата и економијата. Општините опфатени со истражување исто така реализирале и спроведуваат некои мерки. Во Прилеп општината обезбеди храна за првооделенците, а Советот донесе одлука и за бесплатен јавен превоз за пензионерите со примања до 14 илјади денари.

Но, прашање е: Колку се ефикасни мерките за справување со актуелната криза или тоа се само гребаници по површината од проблемот?

Најмногу проекти и трошоци од страна на општините се преземени за справување со енергетската криза, додека пак постои недостиг на проекти кои ќе им ги олеснат трошоците за основните прехранбени продукти на граѓаните. Граѓаните се принудени да работат дополнително за да ги подмират најосновните трошоци за храна и сметки. Само за 2 години инфлацијата драстично ја променила, ја влошила, состојбата меѓу реалните потреби и
просечната нето плата.

– Никогаш не сум помислила дека ќе работам како аргатка по нивите. Не стигнува платата што ја добивам во фабриката, имам три деца – ученици дома, како да ги прехранам со 20 илјади плата? Сама сум, сопругот почина минатата година, вели една самохрана мајка од Прилеп, анкетирана во анонимно истражување спроведено од ЛАГ Агро Лидер во врска со сивата економија во земјоделскиот сектор.

Иако просечната нето-плата по работник се зголемува, споредбено со процентот на зголемување на трошоците, сеуште не е постигнато таа да ги покрива трошоците како во месец јануари 2021 година. И нето минималната плата расте за последниве 3 години, но реално не сразмерно со галопирачкиот тренд на инфлацијата за да ги покрие основните трошоци за живот. Така што денес на едно семејство со две минимални плати од по 20 илјади денари ќе му недостига барем уште половина плата за да може да ги подмири основните потреби, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

– Ако не работам дополнително, најчесто за време на викендите, во семејството не може да ги покриеме трошоците за храна, струја и комуналии. Сопругата работи во реномирана прилепска компанија и зема просечна плата, а јас сум со минималец. До 20 ти во месецот некако се издржува, а за останатите 10 денови крпиме со парите од прекувремената работа, вели татко на две малолетни деца од Прилеп.

Државата крои мерки кои доцнат со ефектот, а општините се глуви за потребите од граѓаните

Колку се ефикасни мерките за справување со актуелната криза? Одговорите и реакциите на ова прашање од анализата изготвена од ЛАГ АГРО ЛИДЕР одат во насока дека треба поголема фискална поддршка, дополнителна
распределба на буџетот, децентрализација и стимулации за локално купување кои можат да помогнат во подобрување на животот на граѓаните и бизнисите во регионот.

На локално ниво потребна е поголема иницијатива и креативност за распределба на финансиската поддршка доделена од локалните самоуправи за справување со енергетската криза, востановување на нови механизми или
подобрување на веќе постоечките како што е на пример Економскиот совет во Општина Прилеп. Овој совет својата последна седница ја одржал на почетокот од февруари годинава. Бизнисмените и преставниците од локалната власт дискутирале меѓу другото и за изнаоѓање решение за ублажување на последиците од енергетската криза, како и за можностите за поставување на фотоволтаични панели од страна на деловните субјекти за заштеда на електрична енергија и намалување на трошоците. На оваа четврта седница на
Економскиот Совет на Општина Прилеп станало збор и за заеднички проекти на локалната власт и бизнис заедницата за подобрување на условите за живот и животниот стандард на граѓаните на Општина Прилеп.

Кои се тие заеднички проекти и конкретни чекори за нас новинарите, а и за јавноста сеуште е непознато бидејќи нема реални мерки кои би ја подобриле социјалната положба на прилепчани? Единствено ново е што Советот на општината неодамна донесе одлука за бесплатен јавен градски превоз за пензионерите со ниски примања. Но за искористување на бенефитите од мерката одзивот е мал. За еден месец од како е на сила оваа мерка, само илјада прилепски пензионери од вкупно 6 илјади со примања до 14 илјади денари доставиле барање за посебна картичка за бесплатен градски превоз. Општината воведе бесплатен оброк само за првооделенците. Семејствата реагираат со прашањето: дали децата во погорните одделенија не треба да јадат? Кога станува збор за мерките од социјална природа каде е танка границата за одредување на ризичните групи, прашање е колку ваквите мерки се само гол
популизам или навистина се создадени да го постигнат посакуваниот ефект за намалување на ударот од растечката инфлација врз семејниот буџет.

Државата крои мерки, општините кројат мерки, а во меѓувреме, балонот – сиромаштија продолжува да расте ….

 

Оваа истражувачка сторија е дел од проектот „Мониторинг, оценка и предлози за антикризни мерки во услови на тесен буџет“, поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас. Содржината на оваа истражувачка сторија е единствена одговорност на ЛАГ Агро Лидер и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас или организациите што ја спроведуваат.

Vivafarm

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

error: