ПЕЛА YU хитови

ПЕЛА МАК забавно

PELA CAFE

ПЕЛА МАК народно

ПЕЛА YU фолк

CSS Template

Мудар народ, но во генот мирен и послушен

322

Се’ започна со промена на патните исправи, пасошите, па со промена на документите за лична идентификација, личните карти, но кулминира со сообраќајните дозволи и налепниците NМК.

Соопштението од МВР дека доколку се направи сообраќајен прекршок,  или сообраќајка,  ќе плати казна оној кој нема нова сообраќајна дозвола на која ќе стои новото име на државата „Република Северна Македонија“, предизвика лавина реакции, но само на социјалните мрежи! И, мудриот народ прашува со право:

„ Дали нашите банкноти се валидни за промет (за плаќање казни),бидејќи стои на нив „Република Македонија“

Дали „сите кредити земени со стари документи, на кои пишува Република Македонија, од полноќ е неважечки“

“ Со каква валута ќе се плаќаат казните?! И, парите не се валидни од вторник?“

И, сосема во право и многу мудри прашања поставува народот до државата, но само пишанки на социјалните мрежи. Не дека некој не ги чита, но никој не се грижи за мудроста и гласноговорливоста на народот, оти  знаат со овој наш мирен народ „секое чудо (бунтовно) за три дена доста“.

А, во законот дословно стои.  Доколку со возачка дозвола со старото име на државата направите сообраќаен прекршок ќе платите казна, бидејќи според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата се смета дека немате возачка дозвола, дека истата без „Северна“ е невалидна. (Законот, поради обврските од Преспанскиот договор, е донесе во јуни 2021 година и во истиот пишува дека возачките без „Северна“ нема да важат од 12 февруари 2024 година). Секако дека за ова законско решение пратениците  можеа да интервенираат со амандман, барем за рокот да се пролонгира, бидејќи граѓаните не беа доволно информирани за возачките дозволи, но тоа не се случи!

И, додека нашите предци кренаа востание 1903 год. за угнетување, тиранија и понижување, нашите дедовци се бореа против „администраторите“ фашистите и нацистите, ние водиме битка за вадење пасоши, лични документи, сообраќајни дозволи и налепници со ново име NMK. И, продолжуваме како „најбезболно” да  се бориме  на социјалните мрежи, најчесто  укривувајќи се еден со друг, напаѓајќи се меѓусебно, кој бил поголем патриот од другиот, каде била грешката итн..не гледајќи ја шумата од дрвото кое ни го попречило видикот!

За жал, во оваа рошомонијада, не помогнаа ниту македонците правниците (еден двајца се огласија само) да бидат гласноговорници на законските правила и прописи, за на народот да му укажат, да знае што е негово право во оваа (не) правна држава .

Претседателот на државата се огласи, во заштита на народот, но нам ни е во генот (умот)  30 години оваа институција да не ја почитуваме (или едни или други).

Не помогнаа ниту економистите, да укажат колкава економска штета ќе им се нанесе на секое семејство, кое не по своја вина треба да плати за промена на сите  лични докумнети, па да се разбранува јавноста и да се притисни државата зашто таа бара од овој нрод промената да ја направи, иако голем дел имаат валидни документи кои важат до 2030 година. Тоа скромно го направи еден мој пријател, трговец (продава облека) по вокација магистар (без работа) за финансии управување со претпријатија, кој пресмета вака: „само по едно евро да чини еден документ што треба да го променеме, тоа се 2 милиони евра во Буџетот на државата. На здравје! Одлична зделка“, рече тој и замина!

Но, ако ја отфрлиме математиката и се задржиме на еклатантната неодговорност на одговорните, на кои народот им дал право да одлучуваат во нивно име, укажува на тоа дека  во голема мера сме девалвирани, драстично национално назадени во споредба со 1903 и 1941,  а социјалната интеграција ни’ се одвива на социјалните мрежи, наместо на терен, со мнозинство и со народна сила, без партиски ограничувања и инструкции, бидејќи за нашите деца се работи, за нивната иднина, за покренување на националното чуство на припадност.  И,  чуството за општествена грижа и одговорнот е акумулирано во бездна, што секако му одговора на вакво расклинкано и разјарено општество кое делува само во интерес и за профитерство на малцински политички структури.

Притисната од егзистенционалната не моќ  (бидејќи во овој материјален свет моќта е во парите) стопанистувањето со сопствениот народ  ја буди огорченоста! Но чудно ..го изразуваме  гневот само викајќи „од баџа Урааааа!„

А, сликата интересна:
Во генот ни’  е да си седиме мирни,  онака некој импулс да исфрлиме како испад  (како овој со пасошите личните карти или возачките дозволи),  а ТИЕ  слушаат и неслушаат (оние малобројните што седат околу нас и не’ убедуваат  на убава иднина), знаат дека набргу ќе се стиши бурата, и  ништо, ќе продолжиме со наведната глава и  со нова „драматична“ тема пуштена за народот да се „препукува“ на социјалните мрежи …. мирен и мудар народ е овај наш народ, со ген на подводливост и послушност !

Мудар е овој народ, но мирен и послушен!

 

Пишува: Елизабета Филипоска

Vivafarm

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

error: